Либанската проиранска шиитска организација „Хезболах“ денеска организираше колективен погреб за околу 40 свои борци загинати во конфликтот со Израел.
Погребната церемонија се одржа во село во јужен Либан, во близина на границата со областа под израелска воена контрола.
„Хезболах“ не го соопшти точниот број на загинатите свои борци, но организацијата редовно организира колективни погреби во периоди на намалување на интензитетот на борбите.
Кон крајот на јуни беше постигнато краткотрајно примирје меѓу „Хезболах“ и Израел, по новата ескалација на конфликтот што започна на 2 март по американско-израелските напади врз Иран.
Во селото Мајдел Селм, каде што денеска се одржа погребот и кое во голема мера беше оштетено во борбите, колона од црни камиони со ковчези покриени со знамиња на „Хезболах“ помина низ главната улица и се упати кон локалните гробишта.
Зад камионите, жени облечени во црно носеа фотографии од своите загинати блиски, како и фотографии од иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелската офанзива врз Иран на 28 февруари.
Колективниот погреб се одржа во момент кога либанскиот претседател Жозеф Аун е во посета на Вашингтон, каде што треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп со цел зацврстување на примирјето со Израел.




