Парламентот на Молдавија синоќа ја одобри новата влада предводена од премиерот Василе Тофан, откако тој ја претстави програмата на неговиот кабинет, ветувајќи економско заживување и продолжување на европскиот пат на земјата.
„Нашата програма се вика ‘Европска економија, ефикасна држава’. Тоа е обврска на која ќе работиме и токму според таа обврска бараме да бидеме оценувани“, рече Тофан пред пратениците.
Партијата на акција и солидарност (ПАС) на претседателката на Молдавија, Маја Санду, има мнозинство во Парламентот со 101 пратеник. Именувањето на Тофан беше поддржано од 53 пратеници на ПАС, додека опозициските партии се воздржаа од гласање.
Тофан најави дека цел на неговата влада е до крајот на 2028 година да го потпише договорот за пристапување на Молдавија кон Европската унија и да ја подготви земјата за членство во Унијата до 2030 година.
Новиот премиер доаѓа на функцијата по ненадејната оставка на неговиот претходник, Александру Мунтеану, кој беше премиер само осум месеци.
Тофан изјави дека неговата влада планира да приватизира најмалку десет државни компании, да ги поттикне инвестициите во технологија и вештачка интелигенција, да го зголеми извозот на производи со висока додадена вредност и да го намали обемот на сивата економија.




