Без индустриски меса, без шеќерни желатини и сирупи…Пациентите во Оштата болница во Темпа, САД, од пред неколку месеци почнаа да добиваат исклучиво здрави и нутритивно богати оброци. Оваа болница стана првата американска болница која ги примени новите протоколи на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор кој е во отворена војна со прехранбената индустрија што форсира ултрапроцесирана храна.

„Болниците постојат за да ги лекуваат луѓето, а храната што ја служат треба да им помага на пациентите да закрепнат – а не да придонесува за хроничните болести“, порача Кенеди Јуниор гордо сликајќи се со главните кувари и ракводството на болницата.

Паралелно со ова, државниот апарат го стега се повеќе обрачот околу прехранбената индустрија. Министерството за здравство, заедно со USDA и EPA, воведува строго државно тестирање и масовен надзор за присуство на тешки метали и токсини, со посебен фокус на индустриски преработените производи.

Додека Кенеди дејствува преку институциите, поранешниот комесар на ФДА, д-р Дејвид Кеслер, го води притисокот преку регулаторни механизми. Неговата петиција до ФДА бара итно укинување на безбедносниот статус (GRAS) за рафинираните јаглехидрати кои предизвикуваат метаболички хаос.

Без индустриски меса, без шеќерни желатини и сирупи...Пациентите во Оштата болница во Темпа, САД, од пред пет дена почнаа да добиваат исклучиво здрави и нутритивно богати оброци. Оваа болница

Овие аргументи веќе предизвикаа експлозија од масовни тужби во американските судници. Сè поголем број родители и граѓански здруженија ги тужат прехранбените гиганти со истото обвинение што некогаш падна на сметка на тутунската индустрија: дека свесно дизајнирале адиктивни производи кои предизвикуваат дебелина и дијабетес кај децата, притоа намерно прикривајќи ги ризиците.

Од исфрлање на штетната храна од болниците до милионски тужби на судовите, Америка тргнува во отворена офанзива против производите кои го уништуваат јавното здравје.

Но, битката за ултрапроцесираната храна, сирупите од пченка, индустриско месо и сувомеснати производи Кенеди и Кеслер ја почнаа заеднички пред неколку месеци. Припаѓаат на различни политички кругови, но противниците пронајдоа заеднички јазик околу една од најголемите опасности по здравјето на нацијата – ултрапроцесираната храна. Кеслер од научен апсект, Кенеди како политичар кој креира политики за јавно здравје и носи одлуки. Во ексклузивно интервју за култната емисија „60 минути“ (60 Minutes) уште пред пет месеци јасно ги исцртаа своите црвени линии зошто не треба да се користат индустриски преработените производи, спакувани во шарени кутии и пластика кои ги полнат полиците на маркетите. Денес овие производи сочинуваат дури 50% од калориите на возрасните Американци и алармантни 60% од исхраната на децата.

Во Европа и Македонија може процентот не е толку висок, но вртоглаво се приближуваме натаму ако се земат официјалните бројки дека 60 отсто од македонскотот население влегува во категоријата на дебели, а Инситутот за јавно здравје објави дека скоро секое трето дете во македонските училишта се соочува со тежина над нормалната граница, при што момчињата се почесто засегнати во споредба со девојчињата. Главните причини лоцирани од ИЈЗ се зголемениот внес на високопроцесирана храна, брза храна, шеќерни пијалаци и намалената физичка активност. Во продолжение аргументите на Кеслер и Кенеди, од интервјуто, против процесираната храна кои секако дека важат и за македонски услови.

Поголема криза од тутунската епидемија?

Д-р Дејвид Кеслер, кој во 1990-тите се прослави со тоа што ги изведе тутунските директори пред Конгресот и докажа како индустријата манипулирала со никотинот за да создаде зависност, смета дека кризата со храната е со еднакви, ако не и поголеми размери.

„Исто толку е големо, ако не и поголемо. Толку е значајно. Размерот на ова нè засега сите. Разберете, не пушеше секој. Погледнете го бројот на луѓе кои консумираат ултрапроцесирана храна. Тоа нè допира сите нас“, предупредува д-р Кеслер во интервјуто.

Според него, порастот на дебелината не е прашање на карактер или мрзеливост, туку директна последица на храната која е биолошки модифицирана за да го измами човечкиот мозок.

„Во изминатите 40 години, Соединетите Американски Држави беа изложени на нешто со што нашата биологија никогаш не била предвидена да се справи: енергетски густа, високо вкусна, брзо апсорбирачка, ултрапроцесирана храна која го промени нашиот метализам и доведе до најголемиот пораст на хронични болести во нашата историја. Дијабетес тип два, пред-дијабетес, хипертензија, абнормални липиди, масна џигер, срцеви удари, мозочен удар, срцева слабост – од нашата храна, од нашата храна“, дециден е Кеслер.

„Правна празнина“ стара седум децении

Главниот проблем, според двајцата соговорници, лежи во законот од 1958 година и т.н. GRAS (Generally Recognized as Safe) регулатива, која им овозможува на прехранбените гиганти самите, без владин надзор, да ги прогласуваат состојките за безбедни.

Роберт Ф. Кенеди Јуниор во своите настапи отворено ја обвини индустријата за злоупотреба на системот, посочувајќи дека американските потрошувачи се претворени во заморчиња на неконтролирани хемиски експерименти.

„Таа правна празнина беше киднапирана од индустријата и беше искористена за да се додадат илјадници и илјадници нови состојки во нашиот синџир на исхрана. Во Европа има само 400 легални состојки. Оваа агенција не знае колку состојки има во американската храна. Ние не знаеме“, вели Кенеди.

Како резултат на оваа нетранспарентност, на пазарот има илјадници производи со состојки кои просечниот човек не може ниту да ги изговори. Д-р Кеслер во интервјуто јасно ја дефинираше оваа индустриска трансформација:

„Зедоа скроб, нели? Тие евтини, лесни калории, и ги претворија во цела лепеза состојки кои потоа можеа повторно да ги склопат. А тие производи толку брзо се апсорбираат во нашиот систем што предизвикуваат метаболички хаос. Тие ги таргетираат наградните кола во мозокот за да нè натераат постојано да се враќаме по уште. Предизвикуваат прејадување… Дали е тоа храна? Пченкарен сируп, цврсти материи од пченка, малтодекстрин, декстроза… овие состојки беа подложени на индустриска преработка, така што нашиот систем не може да се справи со нив.“

Парадоксот на нацијата: Дебели, а неисхранени

Како резултат на ваквиот начин на исхрана, јавното здравје се соочува со досега невиден феномен – луѓе кои имаат вишок килограми, но чии тела гладуваат за основни хранливи материи.

„И гледаме во нашето население луѓе кои се… кои се ненормално дебели, а во исто време неисхранени. Кој го сака ова?“, прашува Кенеди.

И покрај тоа што кредибилноста на Кенеди често е мета на критики во јавноста поради неговите радикални ставови за детската имунизација, д-р Кеслер нагласува дека кога е во прашање храната, личните анимозитети мора да се тргнат настрана бидејќи „земјата е болна“.

„Секретарот и јас, знаете, не се согласуваме за голем број прашања. Мислам, во најсилна можна мера кога станува збор за вакцините, јас не се согласувам. Но, ако тој е подготвен да преземе нешто во врска со оваа ултрапроцесирана храна, јас ќе бидам првиот што ќе го поздрави тоа“, вели Кеслер.

Каков е планот за во иднина?

Иако прехранбената индустрија, претставена преку Здружението на брендови за широка потрошувачка, се брани дека нивните производи се безбедни, достапни и одобрени од ФДА, притисокот од јавноста и од правниот систем расте.

Кенеди најавува дека неговата администрација ќе ги искористи сите научни механизми за да ја преиспита безбедноста на спорните состојки, но нагласува дека целта не е насилна забрана на производите, туку едукација.

„Па, јас не велам дека ќе ја регулираме ултрапроцесираната храна. Нашата работа е да се осигураме дека секој разбира што добива, за да имаме информирана јавност“, објаснува Кенеди, додавајќи дека фокусот ќе биде ставен и на тоа здравата храна да стане финансиски достапна за секого.

Зад оваа битка стои јасна порака: свеста на потрошувачите мора радикално да се смени. Она што некогаш беше борба против чадот од цигарите, денес станува борба против шарените кутии на полиците.

„Го променивме начинот на кој оваа земја гледа на тутунот. Треба да го промениме начинот на кој оваа земја гледа на оваа ултрапроцесирана храна“, заклучува д-р Кеслер.

МИА