Во електровлечната подстаница Драчево, сместена помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е уништен значителен дел од електроенергетската опрема неопходна за функционирањето на железничката инфраструктура, соопшти ЈП МЖ Инфраструктура.

Според претпријатието, сторителите насилно превртеле два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од нив било испуштено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.

Покрај трансформаторите, од подстаницата биле украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и речиси сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Поради тоа, објектот е целосно ставен надвор од функција.

Првичните проценки покажуваат дека директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра.

Од ЈП МЖ Инфраструктура истакнуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и електроенергетска опрема, туку за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и врз државниот имот.

„Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, наведуваат од претпријатието.
Оттаму апелираат до надлежните институции случајот итно и темелно да биде истражен, сторителите, како и сите лица кои учествувале во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдениот материјал да бидат идентификувани и да одговараат согласно законот.




