Покрај стабилизацијата на секторот, во изминатите две години силен фокус ставивме на капиталните инвестиции, модернизацијата и изградбата на функционални институции. Затекнавме нереализирани кредити и проекти што со години стоеја во место, кредитот од германската банка KfW, вреден 80 милиони евра, пет години не бил реализиран, а државата плаќала милионски пенали, додека кредитот од Светската банка за модернизација на земјоделството, имаше реализација помала од 10 проценти, вели Јулија Тушевска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Денес состојбата е целосно променета и посветено се работи на модернизација на земјоделството, така за логистичко-дистрибутивниот центар во Скопје веќе е завршена постапката за избор на изведувач, а центарот ќе биде изграден до крајот на 2027 година, додека во Струмица се подготвува изградбата на современ центар за сортирање и складирање на земјоделски производи. Паралелно, се воспоставува интегриран дигитален систем за управување со земјоделското земјиште, а во делот на државното земјоделско земјиште склучени се повеќе од 2.100 договори за околу 6.000 хектари, а ослободени се дополнителни 2.000 хектари кои во најскоро време ќе им бидат ставени на располагање на земјоделците. Во водостопанството обезбедивме финансиска стабилност, инвестиции и забрзана реализација на капиталните проекти, за што во 2025 година е доделена финансиска поддршка од 132 милиони денари, вели таа.

Пратеничката истакна дека по цели шест децении, се исчисти езерото Младост, додека површините под наводнување се зголемени од околу 14.000 на 17.700 хектари и откочени се проектите за браните Конско и Речани, хидросистемот Равен – Речица, системите за наводнување Колибари, Сарај и Турија, проектот Злетовица. Обезбедени се и европски средства за нови системи во Сопот и Новаци, додека проектите за системите за наводнување Страиште и Пепелиште, веќе се во активна фаза, со избрани постапки и подготовка за изградба.

-Во делот на шумарството, од претпријатие кое работеше со загуба и неисплатени плати, денес има профит од 10 милиони денари и нов дигитален систем за следење на шумските ресурси, што значително ја подобрува контролата и транспарентноста. Во ловството, склучени се 71 нов договор за концесија на ловишта, а во рибарството по долг застој повторно е реализирано порибување на Охридското Езеро со околу еден милион единки охридска пастрмка. Паралелно на ова се работеше и на законските реформи, при што подготвени се новите закони за земјоделско земјиште, земјоделство и рурален развој, уредување на пазарите и шумите, како и воспоставување револвинг фонд за откуп на земјоделски производи. Резултатите се јасни и видливи, од проекти што со години стоеле во место, денес имаме активни градилишта, нови инвестиции, модернизација и институции што работат во интерес на граѓаните и во таа насока ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со политики што носат развој, инвестиции и силно македонско земјоделство, рече таа.