Папата Лав XIV упати повик до верниците ширум светот да се молат за сите што се погодени од катастрофалните шумски пожари што деновиве ја зафатија Франција и Шпанија.
За време на неделната миса, тој изрази близина и солидарност со илјадниците луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови, како и со семејствата што ги загубија своите имоти во огнената стихија.
„Во светло на разорните пожари што во последните денови зафатија различни делови од Франција и Шпанија, сакам да ја изразам мојата близина и да ги повикам сите да се молат за погодените и за неуморните напори на службите за итни интервенции“, порача папата.
Во Франција и Шпанија повеќе од 300.000 луѓе се евакуирани поради пожарите, додека илјадници пожарникари и припадници на безбедносните служби продолжуваат да се борат со огнената стихија.




