НАТО во неделата реагираше по најновиот инцидент во кој романските воздухопловни сили соборија дрон што навлезе во романскиот воздушен простор. Станува збор за трет ваков случај во последните 48 часа, по претходните инциденти во близина на Падина и Свети Ѓорѓе.
„Можеме да потврдиме дека романски борбен авион Ф-16 собори дрон над романскиот воздушен простор во неделата наутро. Авионот, кој беше еден од двата што полетаа, дејствуваше под команда на НАТО. Во тек е истрага, а Алијансата е во постојан контакт со романските власти. НАТО е подготвен и способен да реагира на каква било потенцијална воздушна закана 24 часа дневно, седум дена во неделата, со цел да ги заштити својата територија и своите граѓани“, соопшти Алијансата.
Претседателот на Романија, Никушор Дан, претходно информираше дека дронот бил соборен во 10:13 часот над романските територијални води во областа Сулина – Килија.
„Им честитам на романските пилоти и на екипите на земја за професионалноста, храброста и ефикасноста со која ги извршуваат своите задачи. Со нивната акција придонесуваат за одбраната на националната територија и безбедноста на романските граѓани“, изјави Дан.
Тој потсети дека, според истрагата на романското Обвинителство, дронот соборен во петокот бил од типот „Шахед“, беспилотно летало што Русија го користи во војната против Украина. Истрагите за дроновите соборени во саботата и неделата сè уште се во тек.
Романскиот претседател нагласи дека Букурешт ќе упати дипломатски протест до Москва по завршувањето на истрагата.
„Недозволиво и неприфатливо е Руската Федерација да продолжи да го нарушува воздушниот простор на Романија, кој истовремено е воздушен простор на НАТО и на Европската Унија. Ваквите дејствија се неприфатливи и ги сфаќаме со најголема сериозност, заедно со нашите сојузници“, порача Дан.
Вршителот на должноста министер за одбрана, Раду Мируца, соопшти дека дронот бил забележан од радарските системи на романската армија уште додека се наоѓал надвор од романскиот воздушен простор.
Според него, леталото влегло во романските територијални води во 10:08 часот, а само пет минути подоцна било безбедно неутрализирано над Црното Море.
„Четири од вкупно петте дронови што досега биле соборени над територијата на земји-членки на НАТО и Европската Унија ги неутрализираа романски воени пилоти. Безбедноста на Романија не се брани со слогани“, изјави Мируца.
Тој додаде дека секој ваков инцидент потврдува оти руската агресија врз Украина продолжува да создава безбедносни ризици и надвор од украинските граници.
„Романија ќе продолжи цврсто да ги брани својот суверенитет и воздушниот простор, но ваквите провокации мора да престанат“, порача романскиот министер.




