Пет планинари од Босна и Херцеговина загинаа на планината Елбрус во Русија, јавува рускиот портал Lenta.ru, повикувајќи се на информации од Телеграм-каналот Shot. Од седумчлената експедиција, само двајца успеале да преживеат.
Еден од планинарите сам успеал да се спушти од планината и да повика помош, додека вториот бил пронајден од спасувачките екипи. Двајцата се хоспитализирани и се под лекарски надзор.
Информацијата дека група планинари останала заробена на Елбрус се појави на 25 јули. Според локалните водичи, временските услови на почетокот биле поволни за искачување, но ситуацијата нагло се променила. Брзината на ветерот достигнала 45 километри на час, а до утрото се засилила на околу 70 километри на час, што значително ја отежнало спасувачката акција.
Истражниот комитет на Руската Федерација за Кабардино-Балкарија потврди дека е отворена истрага за несреќата.
Според официјалното соопштение, на 25 јули седумчлената група тргнала кон врвот на Елбрус. Еден од планинарите успеал да се спушти и пријавил дека двајца членови на експедицијата се почувствувале лошо на височина од околу 5.100 метри.
Во првичните информации беше наведено дека двајцата најверојатно починале, а спасувачките екипи трагаа по останатите четворица. Подоцнежните информации ја потврдија трагедијата – загинале вкупно петмина, додека спасен бил само уште еден член на групата.
Елбрус, со височина од 5.642 метри, е највисокиот врв во Европа и Русија. Иако е една од најпосетуваните дестинации за алпинисти, планината е позната по исклучително суровите и непредвидливи временски услови.
Руските медиуми потсетуваат дека само неколку дена претходно, на 19 јули, 11-годишно момче загина при искачување на Елбрус, додека неговиот татко беше тешко повреден.
Елбрус се наоѓа во западниот дел на Кавказ, во јужна Русија, во близина на границата со Грузија. Геолошки, станува збор за заспан стратовулкан со два врва – западен и источен – чии падини се покриени со вечен снег и големи глечери.




