Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција ги обвини СДС, ДУИ и Арбен Таравари за, како што рече, примена на двојни стандарди кога станува збор за политичката одговорност во случајот со загадената вода во Гостивар.
Петрушевски потсети на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дадена за време на повторените локални избори во Гостивар.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, цитираше Петрушевски, додавајќи дека, според него, СДС е дел од локалната власт во Гостивар заедно со ДУИ и Таравари.
Тој оцени дека опозициските партии не бараат одговорност од својот кандидат Валбон Лимани, иако, како што рече, редовно бараат оставки од политичките противници.
„СДС, ДУИ и Таравари уште еднаш покажаа дека за нив одговорноста важи само кога станува збор за политички противници. Додека секојдневно бараат оставки и политичка одговорност од сите други, сѐ уште молчат и не бараат одговорност од својот кандидат Валбон Лимани“, изјави Петрушевски.
Осврнувајќи се на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, тој рече дека локалната власт не успеала навремено да го реши проблемот, поради што, според него, интервенирале владините институции.
„Локалното раководство кое раководи со општина Гостивар, а е предводено од СДС, ДУИ и Таравари, не успеа да го реши проблемот со загадената вода, па затоа владините институции мораа да ја земат работата во свои раце и да ја решат кризата во рекорден период“, истакна Петрушевски.
Тој додаде дека е обезбедена флаширана вода за граѓаните, дека водата повторно се користи за техничка употреба и дека, како што рече, во наредните денови се очекува да биде безбедна и за пиење.
На крајот од прес-конференцијата, Петрушевски порача дека политичката одговорност не смее да зависи од партиската припадност на функционерите.
„Одговорноста не смее да зависи од тоа на која партија ѝ припаѓа некој функционер“, нагласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.




