УЕФА денеска остро го отфрли најновиот план на ФИФА за продажба на малцински удел на нов комерцијален субјект поврзан со Светското првенство (СП), истакнувајќи оти тоа е „линија што раководните тела на фудбалот никогаш не треба да ја преминат“ и оти „фудбалот не е имот на ФИФА за продажба“.

Реакцијата уследи откако ФИФА објави дека планира да го зголеми своето финансирање за развој на фудбалот на повеќе од 10 милијарди долари преку новата компанија, FIFA Forward Enterprise (ФФЕ), која подоцна оваа година би собрала до 4,2 милијарди долари од долгорочни инвеститори со продажба на малцински удели.

ФИФА наведе дека ФФЕ ќе остане под нејзина сопственост и контрола, а сите нето добивки ќе бидат реинвестирани во развој на фудбалот.

Весникот „Тајмс“, од друга страна, тврди дека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, разгледува модел што би можел да доведе до создавање компанија одговорна за управување со најважните натпреварувања на ФИФА, вклучувајќи го Светското првенство и Светското клупско првенство. Весникот, исто така, тврди дека за планот биле консултирани луѓе блиски до американскиот претседател Доналд Трамп.

УЕФА во својата остра реакција предупреди дека „душата и управувањето со фудбалот не се средства со кои може да се тргува“, особено без целосна транспарентност за тоа кој би имал финансиска корист од тоа.

Инфантино, кој планира да се кандидира за нов мандат како претседател на ФИФА следната година, според пишувањето на „Тајмс“, би можел да преземе водечка улога во новата компанија откако ќе му заврши мандатот во 2031 година.