Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска објави дека планира да свика нов состанок во формат „5+1“ за решавање на кипарското прашање, за да можат учесниците да ги утврдат понатамошните чекори кон решавање на конфликтот што трае повеќе од половина век.
Покрај двете кипарски страни, на состанокот ќе учествуваат Грција, Велика Британија и Турција, како држави кои ја гарантираат независноста на Кипар.
„Одлучив да свикам уште еден состанок во формат „пет плус еден“, по соодветни подготовки во врска со градењето доверба, методологијата и содржината на преговорите“, рече Гутереш за време на посетата на Никозија, објавија британските медиуми.
Гутереш претходно се сретна со лидерите на кипарските Грци и Турци, Никос Христодулидес и Туфан Ерхурман и предупреди дека регионалните превирања ја зголемуваат потребата од забрзување на решавањето на кипарското прашање.
На заедничка вечера во Никозија, тој нагласи дека само две заедници можат да обезбедат напредок, објавуваат „Еу Лајв“ и кипарскиот весник „Политиси“.
Истовремено, Гутереш изрази солидарност и поддршка за народот на Кипар во напорите за наоѓање решение и ја истакна потенцијалната закана од „хаос“ во регионот, поради што, како што рече, наоѓањето решение што би го поставило островот на побезбедна основа е уште поважно.
Христодулидес по вечерата изјави дека дискусијата на вечерата ги опфатила сите спорни прашања и дека таа ќе продолжи до денешниот состанок.
„Беше добра, отворена и искрена дискусија“, рече тој.
Гутереш ја започна својата дводневна посета на Кипар вчера, каде што прво одржа одделни средби со Христодулидес и Ерхурман, а според најавите, за денес е закажана трилатерална средба.




