Нема основа да се верува дека Полска била цел на ракетата што ноќеска падна на поле во источниот дел на земјата – изјави полскиот премиер Доналд Туск.
Тој претходно соопшти дека сè укажува оти објектот што паднал во источна Полска најверојатно е руска крстосувачка ракета Х-101.
– Нема основа да се тврди дека Полска била цел. Сè укажува дека станува збор за руска крстосувачка ракета Х-101, но сакаме да бидеме сто проценти сигурни за типот на ракетата и за тоа кој ја истрелал – изјави Туск на вонредна седница пред новинарите.
Објектот паднал во ненаселено подрачје во близина на селото Тарнава Колонија, јужно од Љублин, каде што рано утринава беше прогласена воздушна тревога, соопшти полската Врховна воена команда, пренесе ДПА. Заменик-министерката за одбрана Магдалена Собковјак-Чарнецка за Радио Зет изјави дека во инцидентот нема повредени и не е причинета материјална штета.
Во меѓувреме, украинските власти ја обвинија Русија за инцидентот.
„Во текот на ноќта руска крстосувачка ракета Х-101 навлезе во полскиот воздушен простор како дел од масовниот руски напад врз Украина, нарушувајќи го воздушниот простор на НАТО“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата Икс, додавајќи дека тоа претставува уште еден јасен доказ дека зајакнувањето на украинската противвоздушна одбрана е итна потреба и гаранција за безбедноста на целата евроатлантска заедница.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, полскиот воздушен простор беше нарушен повеќепати. Во септември поголем број беспилотни летала навлегоа во полскиот воздушен простор за време на руски напад врз Украина, при што полските воздухопловни сили, заедно со сојузниците од НАТО, за првпат соборија дел од летечките објекти.
фото: архива




