Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека „не е сигурен“ дали ќе и дозволи на Украина да произведува пресретнувачки ракети земја-воздух од типот „Патриот“, што се од клучно значење за воздушната одбрана на Киев.
„Го разгледуваме тоа“, изјавил американскиот претседател во телефонското интервју за „Фајненшл тајмс“. „Тоа е навистина исклучително оружје и треба да бидеме малку повнимателни кому му даваме лиценца. Всушност, ние не издаваме лиценци за таа опрема“, додаде тој.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во вторникот во Вашингтон изјави дека на средбата со Трамп одржана зад затворени врати во Белата куќа разговарал за лиценци за производство на пресретнувачки ракети „Патриот“.
На почетокот на јули американскиот претседател најави дека планира да и овозможи на Украина да произведува такви ракети.
Одбраната од балистички ракети што се особено тешки за пресретнување, е „највисок приоритет“ за Киев, откако Русија ги засили воздушните напади врз Украина.
Само американските системи „Патриот“ се способни да пресретнуваат дел од тие ракети, но Украина се соочува со сериозен недостиг на пресретнувачки ракети „PAC-3“. Недостигот дополнително се зголеми по војната што САД и Израел ја започнаа против Иран во февруари.




