Од вкупно 308 мониторирани расправи по предмети водени од Специјалното јавно обвинителство во 2018 година од страна на коалицијата „Сите за правично судење“, одложени биле вкупно 98 главни расправи, или речиси една третина, додека на 210 биле преземени дејствија од страна на странките во предметите.
Вкупно 60 рочишта или 61 процент биле одложени поради одбраната и обвинетите, додека 23 рочишта или 23 отсто поради судот. За седум рочишта нема образложение зошто се одложени, а седум рочишта се одложени поради други причини, информираат од коалицијата „Сите за правично судење“.
Само еден предмет од вкупно 98 одложени е поради СЈО, додека единствено по предметот „Триста“ не било одложено ниту едно рочиште.
Отсуство на обвинетите било причина за одложување на вкупно 29 рочишта, од кои за десет тоа било од здравствени, а во две од службени причини. Одбраната побарала одложување на 11 рочишта со цел подобра подготовка, а по пет рочиште биле одложени поради изземање и службени обврски.
Кога причина за одложување на судските постапки е судот, тоа најчесто било поради не обезбедени услови или поради судечкиот совет. Најчесто или во 50 проценти од случаите судот не можел да обезбеди услови поради постапување на друг суд, за 25 отсто поради немање соодветна судска сала и 25 проценти поради техничка опрама.