Тргнале да загинат, за Крушево да преживее. Нивната смрт, нивната жртва на крушевчани им донела живот.

Тоа е приказната за битката кај месноста Слива, над Крушево која заедно со епопејата на Мечкин Камен е една од најтешките во периодот на Илинденското востание, кога со последните сили се бранела Крушевската Република пред нејзиниот крај, на 12 август 1903 година.

Неколку десетина востаници му се спротивставиле на триилјадниот турски аскер со единствена цел – да го задржат што подолго додека населението и Главниот штаб се повлекуваат во збеговите во местата Осој (кај селото Зашле) и Крушка (близу селото Пуста Река). Гинеле еден по еден, речиси до последниот човек само и со еднинствена цел – со своите животи да „купат“ неколку часа во кои остатокот на градот ќе се спаси.

Слива е како порта. Највисоката точка на излезот од Крушево кон Кичево. Меѓу два рида е на надморска височина од 1357 метри. Токму таму, вкопани во ровови, 40-тина востаници се спротивставиле на триилјаден османлиски аскер. И не се откажале ниту на сите повици да се предадат. Еден по еден загинале на 12 август 1903 година за Крушево да има свое утро.

Битката кај „Слива“ја има и својата љубовна, истрајна, посветена приказна.

Приказната за љубовта меѓу Злата и востаникот Цветко

Според историчарот од крушевскиот „Историски музеј“, Зоран Богески кој со години истражувал, приказната наликува и на Холивуд, но и на Шекспир. Ама е вистинита, македонска.

Османлиите дури пет дена по крвавата битка  на „Слива“ им дозволиле на крушевчани да дојдат во месноста, да ги побараат загинатите востаници, да им приредат достоен закоп. Мештаните на местото затекнале тешка слика – распаднати тела на жешкото августовско сонце, делумно препознатливи по облеката и белезите. Ама една слика била фрапантна. Девојка во брсјачка народна носија мртва, прегрната со машко тело.

Тоа биле Злата и нејзиниот свршеник Цветко. И двајцата од крушевското село Селце.

Нивната приказна во почетокот навестувала среќен епилог на двајца вљубени.

-Тоа биле Цветко Стојчев Коруновски и Злата Велева Богеска, и двајцата од Селце, Крушевско. Цветко бил на печалба во Софија каде што Ѓорче Петров му порачал да се врати во Селце. На Благовец (7 април 1903 година) се свршиле со Злата – раскажува историчарот Зоран Богески од „Историски музе Крушево“ кој со години истражува за битката на Слива и за трагичната приказна.

Ниту Злата, ниту Цветко не можеле да знаат што ќе им донесе иднината. А им донела погреб, наместо свадба и радост.

Цветко Стојчев бил истакнат член на Организацијата. Пред востанието ги следел наредбите на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. Злата била негов верен сопатник. А Цветко се зафатил со изработката на црешовите, селчански, топчиња.

-Во изработката на црешовите топчиња, по налог на Никола Карев, учествувал и Цветко, свршеникот на Злата. Заедно со Стојче Летник, негов соселанец од Селце, пресекле седум црешови стебла и ги оставиле на сонце да се сушат. Дел распукале, а другите ги изработиле. Дел од топчињата се изработувале и на други места, но историчарите веруваат дека топчето што е најдено во Истанбул и е запленето на „Слива“ е селчанското – објаснува Богески.

Како што прецизира Никола Јованоски, писател, истражувач и приредувач на „Епопејата на Крушево“ од Никола Киров Мајски, моментално директор на крушевската гимназија, има нови детали што ги забележал Мајски во приказната за востаникот Цветко и неговата свршеница Злата.

-Злата, заедно со нејзиниот свршеник Цветко учествувала во одбирањето на црешовите стебла за изработка на топчињата. И додека другите жени се грижеле за домаќинството, Цветко ја учел Злата како да пука со револвер и пушка – вели Јованоски.

Цветко како дел од четата на Ѓорѓи Стојанов, на „Слива“ бил вкопан во рововите очекувајќи го турскиот аскер. За тоа време, Злата се снаоѓала во хаосот непосредно при задушувањето на востанието, на 12 август 1903.

Низата од настани довела до тоа Злата да се најде на „Слива“ непосредно пред битката и да биде дел од неа.

-Еден бег од селото Норово се обидел да ја обесчести Злата. Тој бил куц, па, таа, не само што му побегнала, туку му го зела и револверот. Бегајќи низ шумата од Крушево, се нашла на „Слива“ каде што го видела Цветко во расправија со друг востаник, Петраки, зет за нејзина братучетка. Петраки го напуштил ровот и ја нападнал Злата со кама. Но, таа го убила со беговиот револвер. Така се нашла во ровот каде, со нејзиниот свршеник Цветко била убиена. Двајцата биле пресечени со сабја. Кога ѝ го нашле телото, виделе дека се борела, а на рацете имала траги од барут – раскажува историчарот Зоран Богески.

Злата  го завршила животот во прегратките на својот свршеник Цветко. Така ги нашле. Не дочекале слободна земја и добар брачен живот. Само задничка прегратка и предвреме згасната животна светлост.

Не постои зачувана фотографија од Злата и Цветко. Прилепскиот скулптор Емил Солески, според описите на Никола Киров Мајски има изработено во гипс портрети на Злата и на Цветко кои се чуваат во крушевската гимназија. Своевремено, Солески изработи и идејно решение на нов споменик на „Слива“  кој досега остана само на тоа.

Битката кај „Слива“ чека свое признание. И потомците. За значајноста да ја одложат, по цена на своите животи, крвавата одмазда јна Османлиите кон крушевчани за првата Крушевска Република на Балканот.

-Треба почесто да си го поставуваме прашањето што ќе се случеше ако востаниците на „Слива“ не ги дадоа своите животи, не ги положеа на тој „олтар“. Османлиите во Крушево ќе начекале преполн град со жители, млади, стари, жени, деца, борци, цивили… Ќе немале милост. Голем дел од денешните крушевски семејства и, воопшто, луѓето со крушевско потекло, немало да постојат – заклучува Богески од Историскиот музеј Крушево.

Сѐ уште се чека на достојно признание на крвавата битка на „Слива“. Инаку, познатото Црешово топче што во истанбулскиот „Аскери музеј“ го најде познатиот македонски воен историчар Ванче Стојчев било запленето во битката кај „Слива“. И било дел од селчанските топчиња во што помогнале свршениците Злата и Цветко.

И покрај барањата за нов споменик, за испишување на сите имиња на 40-те загинати востаници на „Слива“, останува само натписот на споменикот на месноста: „Далеку од слободата и неразделни од неа, овде паднаа 40 херои на Илинден“.

На загинатите на „Слива“ им бил направен заеднички погреб во Крушево. Но, некои останале да почиваат на „Слива“, на местото каде создале историја, за себе и за иднината на градот. На сметка на личната среќа.