Во последните денови од јули, во Грција биле регистрирани едни од најсилните налети на ветер во изминатите 15 години, а во одредени делови на земјата, измерената јачина била рекордна, како на пример во јужниот дел на островот Евија и на планина во близина на Атина со 150 километри на час, покажуваат податоците од метеоролошката служба Метео на грчката Национална опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Метео информираа дека биле анализирани податоците од избрани станици, кои имаат долгогодишни мерења во Атика и јужен Крит, со акцент на летните месеци кога најчесто дуваат северните ветрови, односно „мелтеми“ како што се нарекуваат во Грција.

Најсилен бил ветерот во Каристос на Евија со измерени 150 километри на час на 31 јули 2026 година, што воедно е и најсилниот налет на ветер измерен на оваа станица што функционира од 2013 година.

На Крит, јужно од градот Ретимно, во делот што минатата седмица беше зафатен од голем пожар, две станици регистрирале ветер со јачина од 111 и 114 километри на час на 29 и 30 јули, рекордни налети и за двете станици.

Силниот ветер, тогаш и брзо го прошири пожарот, но и спречи гаснење од воздух, поради забраната за летање за противпожарните авиони.

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, на планината Пендели каде што е метеоролошката станица во рамките на Националната опсерваторија, во последниот ден од јули ветерот бил со јачина од 108 км/ч, а рекордот е од пред четири години со само пет километри на час повеќе споредбено со сега.

На врвот на планината постои и втора станица, што функционира само една година и не постојат податоци за споредба, но таму, на 31 јули ветерот бил со јачина од 150 километри на час.

Над 100 км/ч била јачината на ветерот и на Парнита, другата планина во Атика, односно 109 км/ч наспроти рекордните 111 километри на час на крајот на јули 2024 и почетокот на август 2025 година.

– Заклучокот е дека во последните денови од јули 2026 година беше забележан еден од најсилните периоди на ветровите мелтеми во изминатите 15 години, соопштија од Метео.

Фото: Архива