Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека иранското раководство е „неверојатно лицемерно“.

Неговата објава на „Трут соушл“ уследи откако Техеран демантираше дека денеска ќе се одржи нов круг разговори со ирански претставници за завршување на војната. Трамп наведе дека поради планираната средба ги откажал нападите врз Иран.

– Иранското раководство е неверојатно лицемерно. Тие бараат средба, некои дури би рекле и дека молат за неа. Разговорите почнуваат, веќе се закажани нови, а потоа тие отворено и гордо тврдат дека не водат никакви дискусии, дека за ништо не се преговара и дека работат само со Оман, објави Трамп на сопствената мрежа.

Тој исто така наведе и дека блокадата нема да биде укината освен ако САД и Иран не постигнат договор или Техеран не се предаде. Трамп тврди дека се во тек преговори и оти а американската морнарица ја контролира Ормуска Теснина сè до постигнување договор или целосна капитулација на Иран.

Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи изјави дека нема никакви преговори ниту закажани состаноци со САД. Тој наведе дека Иран следните денови не планира да прими странски делегации ниту да ги испрати своите преговарачи во странство.

– Единствени преговори кои се во тек се со Оман за управување со Ормуска Теснина, посочи Багаи.

Според него, идејата е да се користи кружна рута, наместо неколку одделни рути сè додека не се постигне конечен договор. Предложениот модел предвидува танкерите или товарните бродови да влегуваат во Ормуска Теснина преку северна рута низ иранските територијални води. По пристигнувањето во пристаништата во Иран или во арапските земји од Персиски Залив, бродовите за враќање да ја користат јужна рута низ територијалните води на Оман.

Ормуска Теснина на најтесната точка е широка само околу 39 километри. Бидејќи Иран и Оман тврдат дека имаат зона од 12 наутички милји (околу 22,2 километри), територијалните води на двете крајбрежни држави се преклопуваат. Во оваа област нема меѓународни води.

Според Конвенцијата на Обединети нации за правото на морето (УНЦЛОС) го гарантира правото на транзитен премин и забранува блокада на трговски бродови. Но, Иран не се согласува со Конвенцијата. Планираниот нов аранжман го ограничува слободниот премин во споредба со периодот пред почетокот на воениот конфликт. Иран, на пример, би можел да контролира кои бродови и од кои земји влегуваат во Ормуска Теснина, а на воените бродови може да им биде одбиен премин.