Властите во Гватемала издадоа предупредување за целата земја по ерупцијата на вулканот Фуего, најактивниот во Средна Америка.
Националната агенција за координација при катастрофи објави дека поради ерупцијата е прогласен портокалов аларм за целата држава. Веднаш е иницирана евакуација на населението од две села во близина на вулканот, кој се наоѓа на 35 километри од главниот град Гватемала Сити.
Владата исто така ја прекина наставата во локалните училишта и го затвори патот што го поврзува југот на земјата со историскиот град Антигва, кој е под заштита на УНЕСКО.
Со оглед на тоа што Гватемала се наоѓа во Пацифичкиот огнен прстен, масовните евакуации не се реткост. Минатата година, поради емисија на гасови и пепел, беа евакуирани повеќе од 500 луѓе, додека за време на ерупцијата во 2023 година беа евакуирани околу 1.200 лица. Најтешки последици беа регистрирани во 2018 година, кога во ерупција загинаа 215 луѓе, а речиси ист таков број и денес се води како исчезнат.
Вулканот Фуего е висок 3.763 метри. Тој е најактивниот вулкан во Средна Америка, познат по честите експлозии, исфрлањето пепел и вжештени карпи, и е речиси постојано активен.




