Поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили, а сега амбасадор на Украина во Велика Британија, Валериј Залужни, изјави дека не гледа перспектива земјата да стане членка на НАТО – цел што е запишана во украинскиот Устав.

Според украинскиот портал „Европска правда“, Залужни на средба со украински амбасадори изјавил дека Украина во моментов не ги исполнува воените стандарди потребни за приклучување кон Алијансата.

„Многу добро го познавам НАТО. Околу 12 години лично работев на тоа да ги исполниме стандардите на НАТО и секоја година слушав приказни дека наскоро ќе станеме членка на Алијансата. За жал, тоа никогаш нема да се случи “, изјавил тој, цитиран од „Европска правда“.

Тој истакнал дека е „невозможно, со сегашното ниво на развој на вооружените сили на Украина, земјата да се приклучи кон Организација што се раководи според доктрини создадени уште во периодот на Втората светска војна“.

Според него, Украина има потреба од технологии што веќе се користат во земјите-членки на НАТО, вклучително системи за противракетна одбрана, вселенски способности и други современи капацитети.

Украина во својот Устав како стратешка цел го има запишано членството во НАТО и Европската унија. Во исто време, Киев признава дека во моментов не сите членки на Алијансата би го поддржале приемот на земјата.

Залужни минатата година беше разрешен од функцијата врховен командант на украинската армија, поради несогласувања со украинскиот претседател Володимир Зеленски околу начинот на водење на војната со Русија.

Според социолошките истражувања, довербата на гласачите во Залужни е приближно на исто ниво како и довербата во претседателот Зеленски и поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров кој беше разрешен минатиот месец. И наследникот на Залужни на функцијата врховен командант исто така беше сменет минатиот месец.

Русија категорично ја отфрла секоја можност Украина да стане членка на НАТО.

фото: архива