Најтешката делница од автопатот Кичево-Охрид во должина од десет километри ќе биде пуштена во употреба во следните месеци, додека рокот за целосно завршување и предавање во употреба на целиот автопат е мај следната година. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во денешното гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, нагласувајќи дека најголем дел од капацитетите на Министерството се насочени токму кон овој проект поради бројните наследени проблеми.

– Очекувам во следните месеци да биде пуштена најтешката делница од 10 километри, каде што има галерии, мостови, вијадукти и каде што е тунелот којшто ќе е најдолг во државата. Едната цевка е од 2 километри, другата цевка е од 2 километри и 100 метри, така што очекувам оваа делница да биде пуштена во следните месеци и со тоа пополека ќе се комплетира Охрид-Кичево – истакна Николоски.

Оцени дека автопатот Кичево-Охрид останува најголемиот предизвик за Министерството. – Околу 80 проценти од времето и енергијата ги трошиме на Охрид-Кичево, а 20 проценти на сите останати проекти. Го наследивме со толку многу проблеми што бара секојдневен ангажман, но сега веќе се гледаат резултатите – рече Николовски.

Осврнувајќи се на генералната слика за капиталните инвестиции, министерот потенцираше дека градежништвото и транспортот се главните двигатели на економскиот раст, што се рефлектира преку двоцифрен раст на градежниот сектор во сите квартали.

– Во моментот само во општините имаме проекти коишто се финансирани од Владата, преку 1200 отворени градилишта. Ако на тоа се додадат шест автопати коишто паралелно се градат во државата, што никогаш во историјата на државата не се случило, како и интензивната работа на железничкиот Коридор 8, подготовките за почеток на работа на железничкиот Коридор 10 и секако инвестициите во аеродромите, тогаш мислам дека имаме заокружена слика на силни капитални инвестиции коишто силно придонесуваат и за економскиот раст – рече Николоски.

Во врска со изградбата на железничкиот Коридор 8 и поврзувањето со Бугарија, тој информираше за неодамнешниот меѓуресорски состанок во Софија, на кој е потпишано заедничко писмо до Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на заеднички тунел, со што се надминува проблемот со претходниот тендер.

– Само што беше избрана оваа Влада во јуни 2024 година, наидовме на отворена постапка на тендер за изведба на третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, во којашто дел беше и тунел до пола, што тоа ќе беше првпат во историјата на светот да се тендерира тунел до пола, затоа што тунелот е цевка, и таа цевка оди во планината, со цел од едната страна се влегува, од другата се излегува – рече Николоски.

Најави дека на крајот на август ќе се одржи нов состанок во Скопје, а наскоро се очекува и тендер за избор на изведувач за третата фаза.

За стратешкиот проект поддржан од Велика Британија, пак, Николоски потврди дека студиите ќе бидат завршени до 31 август, по што ќе следи законска процедура, а теренските градежни активности се очекуваат во првите месеци од 2027 година.

МИА