Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) ја одобри новата вакцина против сезонски грип на компанијата „Модерна“, базирана на мРНК технологија, наменета за лица постари од 50 години.
Вакцината, наречена „емФлусива“ (mFlusiva), е првата против грип што ја користи истата мРНК технологија која одигра клучна улога во развојот на вакцините против Ковид-19.
Компанијата соопшти дека очекува вакцината наскоро да биде достапна кај избрани дистрибутери, навреме пред почетокот на есенската сезона на вакцинација.
ФДА издаде целосно одобрение за употреба кај лицата на возраст од 50 до 64 години, врз основа на клиничко испитување со околу 40.000 учесници, при што биле регистрирани 27 проценти помалку случаи на грип во споредба со лицата кои примиле стандардна вакцина.
За лицата над 65 години вакцината доби забрзано одобрение врз основа на резултати кои покажале силен имунолошки одговор, додека продолжуваат дополнителни клинички испитувања.
Според „Модерна“, не се забележани сериозни безбедносни проблеми, а најчести несакани реакции биле болка на местото на апликација, главоболка, замор, треска и болки во мускулите.
Одобрувањето следува по неколкумесечна јавна расправа, откако ФДА првично го одложи разгледувањето на барањето, а подоцна независен советодавен комитет едногласно препорача вакцината да биде одобрена.




