Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац премолчено дадоа зелено светло за почеток на работата за обнова на јужниот дел од Појасот Газа, и покрај ветувањето дека обновата на таа територија ќе започне дури кога палестинската милитантна група Хамас ќе се разоружа, објави денеска израелското воено радио.

Активностите во рамки на обновата, кои вклучуваат изградба на станбени објекти, се одвиваат во областа Источна Рафа под контрола на Израелските одбранбени сили (ИДФ), но близу до жолтата линија што ја прави зоната за прекин на огнот со Хамас, објавува „Тајмс оф Израел“.

Според наводи на медиумите, Нетанјаху и Кац дадоа зелено светло за почеток на обновата на Појасот Газа пред две недели, без најавување на тој потег во јавноста, додека Меѓународните сили за стабилизација, кои треба да ја преземат контролата врз делови од територијата, се подготвуваа за распоредување.