Палестинската милитантна група Хамас денеска повика на целосно спроведување на планот од 15 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа.
Хамас во соопштение објавено на Телеграм изјави дека останува посветен на планот од 15 точки за втората фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа, објави Ал Џезира.
Во соопштението се нагласува дека приоритет сега е целосното спроведување на договорот, што подразбира целосен прекин на израелските напади врз Палестинците, повлекување на израелските трупи од Појасот Газа, отворање премини и влез на помош и материјали за реконструкција на енклавата.
Хамас ги повика медијаторите на планот и земјите гаранти да „ги преземат своите одговорности“ и да спречат какви било прекршувања што би можеле да го попречат процесот на спроведување на планот од 15 точки.
Во соопштението се наведува дека Хамас ќе продолжи да се ангажира „позитивно и одговорно“ за спроведување на договорот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно денеска изјави дека Израел го отфрла мировниот план од 15 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа и нема да се повлече од Газа додека Хамас не биде целосно разоружан.
Нетанјаху истакна дека Израел го отфрла акцискит план за разоружување на Појасот Газа предложен од Одборот за мир, официјално отфрлајќи го предлогот поддржан од САД, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху нагласи дека израелската армија нема да се повлече додека Хамас не биде разоружан.
Тој повтори дека никогаш нема да прифати палестинска држава во Појасот Газа или на окупираниот Западен Брег.
Иницијативата на Одборот за мир, поддржана од САД, се стреми да постигне напредок во постконфликтниот план за Појасот Газа – план што Хамас го прифати.
Израелските власти тврдат дека Хамас го злоупотребува процесот за да спречи понатамошни израелски воени дејствија.
Израелскиот кабинет за безбедност го одобри влегувањето на меѓународните сили за стабилизација во Појасот Газа за разоружување на Хамас и преземање контрола врз територијата, а високи израелски функционери и министри јавно го повикаа Нетанјаху отворено да изјави дека нема да се придржува до условите на планот, кој повикува на повлекување на Израелските одбранбени сили (ИДФ) од Појасот Газа.




