Лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, повика на брзо воспоставување центри за враќање на мигрантите во Африка, откако десетици илјади мигранти влегоа на шпанската територија Сеута.

„Сеута покажа дека тесната соработка со соседните земји може да функционира. Мароко веднаш ги прими луѓето назад. Никој не можеше да патува подалеку во Шенген зоната. Европа мора брзо да воспостави центри за враќање во Африка“, напиша Вебер во авторски текст за весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг„ (Frankfurter Allgemeine Zeitung), пренесува денеска бриселскиот портал Политико.

Вебер ги повтори предлозите дадени минатата недела од еврокомесарот за миграција Магнус Брунер, наведувајќи дека на земјите надвор од ЕУ би можеле да им се понудат поблиски трговски врски, економска соработка и можности за легална миграција во замена за отворање центри за враќање на мигранти на нивна територија.

„Мигрантите кои немаат право на престој мора да ја напуштат Европа, без прашање“, рече Вебер, додавајќи дека враќањето повеќе не смее да зависи од политичката волја на поединечните земји-членки на ЕУ.

Иако повеќето од мигрантите оттогаш се вратија од Сеута во Мароко, околу 100 од нив ги загубија животите.

Вебер оцени дека кризата во Сеута е резултат на еднострана национална акција и додаде дека „политичките сигнали“ на шпанската влада имале „директно влијание врз миграциските патишта“.

Приливот на имигранти во шпанската енклава на северноафриканскиот брег кон крајот на јули предизвика конфликт во рамките на ЕУ, при што неколку европски лидери ја критикуваа шпанската влада за нејзината одлука да им додели престој на половина милион нелегални мигранти.

Меѓу најострите критичари беше италијанската премиерка Џорџа Мелони, чија влада воведе гранични контроли за патниците од Шпанија, што го натера Мадрид на реципрочни мерки.

Вебер ги отфрли контролите на внатрешните граници како долгорочно решение.

„Тие може да бидат неопходни во исклучителни ситуации, но не ја решаваат причината за проблемот. Затоа може да има само еден одговор: силна, заедничка европска заштита на надворешната граница“, рече лидерот на најголемата политичка група во Европскиот парламент.

На почетокот на јуни, Европскиот парламент и Европскиот совет објавија нови правила за враќање на мигрантите, кои вклучуваат отворање центри за враќање во земји надвор од Унијата.