Премиерките на Италија и Данска, Џорџа Мелони и Мете Фредериксен, денеска во заедничко соопштение го потврдија единството во борбата против „неконтролираната миграција“ и ветија дека ќе го „заштитат“ европското христијанско културно наследство.
Во соопштението се напоменува дека Мелони и Фредериксен се единствените претседателки на европски влади и дека, и покрај тоа што доаѓаат од различни политички и географски реалности, се обединети во заедничката посветеност за одбрана на Европа, пренесе бриселскиот портал Јуроњуз.
„Не прифаќаме неконтролирана имиграција во Европа и промовираме строга миграциска политика во нашите земји и низ цела Европа“, напиша Мелони на Фејсбук.
Понатаму се оценува дека никој не може да ги негира негативните ефекти од илегалната миграција во вид на растечки стапки на криминал, зголемен притисок врз јавните служби и ерозија на довербата кај јавноста.
„Особено е сериозно кога илегалните мигранти, кои немаат право да бидат во нашите земји, вршат насилни злосторства, тргуваат со дрога или се одговорни за сексуално насилство“, напиша италијанската премиерка.
Фредериксен и Мелони неодамна станаа најгласните застапнички за поостра миграциска политика на ЕУ, особено по кризата во Сеута, кога десетици илјади илегални мигранти за неколку часа преминаа од Мароко на таа шпанска територија.
Како одговор на ситуацијата во Сеута, Италија и Данска предводеа со отворено писмо до институциите на ЕУ, кое го потпишаа 22 членки, а во кое се повикува на координирана борба против илегалната миграција, зајакнување на надворешните граници на ЕУ и решавање на „факторите на привлекување“.
Како што наведоа двете лидерки, граѓаните предолго плаќаат превисока цена за неконтролираната миграција, а построгиот пристап кон мигрантите кои вршат тешки кривични дела би значел и поголема безбедност и заштита на заедниците, пренесе Јуроњуз.
„Мораме да воспоставиме центри за репатријација во трети земји, како и други иновативни решенија надвор од Европа. Напорно работиме на тоа“, напишаа Мелони и Фредериксен.
Тие истакнаа и дека тоа не е доволно, додавајќи дека почитувањето на европските закони мора да оди истовремено со почитувањето на европските вредности.
„Тоа се однесува на нерегуларните мигранти, но и на милиони странски државјани кои легално живеат во нашите земји и ширум Европа“, се наведува во заедничкото соопштение.
За премиерките на Италија и Данска, прашањето за миграцијата на крајот се сведува на почитување на европското христијанско културно наследство и заедничките вредности кои двете ветија дека ќе ги бранат, пишува бриселскиот портал.




