Поранешниот кинески премиер Џу Ронгџи, кој важи за еден од главните архитекти на кинескиот економски бум и за реформатор што ја внесе земјата во Светската трговска организација (СТО), почина денеска на 97-годишна возраст, објавија кинеските државни медиуми.
Џу ја вршеше функцијата премиер на Кина — највисоката раководна економска функција во земјата — од 1998 до 2003 година и одигра клучна улога во низата коренити промени за пренасочување на кинеската економија.
Тој отворено им се спротивставуваше на функционерите на Комунистичката партија на Кина и на раководителите на државната индустрија, поттикнувајќи ги државните претпријатија да прераснат во поефикасни и профитабилни субјекти.
Надоврзувајќи се на реформите што ги започна поранешниот кинески лидер Денг Сјаопинг во 1979 година, Кина за време на мандатот на Џу пристапи кон Светската трговска организација (СТО), што подоцна ѝ овозможи да стане најголем светски извозник.
Поради реформските зафати на Џу, економскиот раст на Кина во периодот од 2000 до 2010 година изнесуваше повеќе од осум проценти годишно, достигнувајќи го својот врв во 2007 година со стапка од 14,2 проценти.
Џу стекна огромна популарност во јавноста поради безкомпромисните критики за системските пропусти и корупцијата меѓу високите функционери, но и со подготвеноста да преземе лична одговорност секогаш кога Владата не ги исполнуваше очекувањата на граѓаните.
Својот углед го изгради уште како вицепремиер во текот на 1990-тите години, кога успеа да ја сузбие инфлацијата, воведе контрола на цените и го прекина кредитирањето на нерентабилните државни претпријатија што работеа со загуба, занемарувајќи го силниот отпор на локалните партиски лидери.
Во 1998 година, Џу го поттикна и кинескиот „бум“ на пазарот на недвижности преку иницијативата за продажба на становите што беа во сопственост на државните претпријатија. Граѓаните масовно ги купуваа овие објекти, па за само една деценија мнозинството градски станови преминаа во приватна сопственост.
Иако не покажуваше интерес за целосна приватизација на економијата, поранешниот премиер имаше пресудна улога во изработката на реформските планови во 1990-тите години, чија цел беше банките, авиокомпаниите, нафтените гиганти и другите државни претпријатија да се трансформираат во корпорации ориентирани кон остварување профит, но со задржување на државната сопственост.
Џу Ронгџи е роден на 23 октомври 1928 година во Хунан, која е и родна провинција на Мао Ѕедун. По напуштањето на премиерската функција во 2003 година, тој се повлече од политичкиот живот и ретко се појавуваше во јавноста.




