Процесот „Турција без тероризам“ влегува во нова критична фаза, откако 600-членото Големо национално собрание на Турција (Меџлисот) со 467 гласа го усвои рамковниот закон што ја поставува правната основа на иницијативата, објави весникот „Туркие“.
Клучно значење во процесот ќе има очекуваниот конкретен повик на лидерот на Курдската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, за распуштање на организацијата и нејзино практично разоружување, наведува весникот.
Во моментов вниманието е насочено кон предавањето на оружјето и датумот на кој одлуката за распуштање на ПКК од страна на Советот за национална безбедност (СНБ) при претседателот на Турција ќе биде објавена во „Службен весник“.
Клучен момент за спроведувањето на законот ќе биде утврдувањето и потврдувањето од безбедносните служби дека ПКК дефинитивно престанала да постои и дека го предала целото оружје, пишува „Туркие“. По проценките на безбедносните органи, прашањето треба да се најде на дневен ред на СНБ.
Според „Туркие“, со правната рамка усвоена на 10 август се уредуваат прашањата поврзани со разоружувањето и распуштањето на ПКК, одложувањето на извршувањето на казните и забраните за политичко учество, а се формираат и два надзорни органи.
Во февруари 2025 година, од затворот на островот Имрали во близина на Истанбул, Оџалан објави порака насловена „Повик за мир и демократско општество“, со која ја повика ПКК да ја прекине вооружената борба, да се разоружа и да се распушти.
Во однос на патоказот за практично спроведување на законот, весникот нагласува дека усвојувањето на претстојната одлука на СНБ за распуштање на ПКК и нејзиното објавување во „Службен весник“ е основен услов за активирање на следните фази од законот.
Во оперативна смисла, предвиден е период до два месеца за членовите на ПКК да го предадат оружјето, да ги напуштат засолништата во пештерите и да го предадат целиот логистички материјал. Според весникот, во блиска иднина се очекува Оџалан да упати повик до членовите на организацијата „да го предадат целото оружје на определените места и да се вратат во Турција“. Весникот додава дека за неколку дена и раководството во Кандил, во северен Ирак, ќе даде изјава за напуштањето на пештерските засолништа.
Ако разоружувањето заврши до крајот на септември и СНБ ја донесе соодветната одлука, од октомври ќе започне практичната примена на рамковниот закон, објави „Туркие“.
Според информациите на весникот, Националната разузнавачка организација на Турција (МИТ) и други надлежни институции оствариле контакти со централната влада на Ирак, регионалната администрација во северен Ирак и сириската администрација во врска со постапката за предавање на оружјето.
Во тој контекст, членовите на ПКК во Ирак ќе се пријавуваат во специјални единици формирани при турските претставништва во Ербил и Сулејманија, а оружјето ќе го предаваат во центри определени за таа цел во овие два региони.
Законот предвидува формирање два совета – при Владата и при Меџлисот – за надзор и координација на процесот. По објавувањето на одлуката на Советот за национална безбедност во „Службен весник“, ќе започне да тече шестмесечен рок во кој лицата опфатени со законот ќе можат да ги користат предвидените правни механизми.
Овие механизми, според „Туркие“, предвидуваат одложување на казните за 10 години за кривични дела за кои е предвидена затворска казна подолга од 15 години, и одложување на казните за пет години за кривични дела за кои е предвидена казна до 15 години, вклучително.
Во периодот на одложување, истрагите ќе бидат запрени, а започнатите судски постапки ќе бидат замрзнати. За лицата во затвор кои ги исполнуваат условите ќе се применува ослободување, но тоа не претставува целосна и трајна амнестија – доколку во периодот на одложување биде извршено ново терористичко кривично дело, одлуката ќе биде поништена.
Одделно, за лицата што ќе го користат законот ќе важи забрана за учество во политиката во период од две до три години.
Законот нема да ги опфаќа сите терористички кривични дела, а низа тешки кривични дела се изречно исклучени. Државните службеници кои ќе ги извршуваат обврските поврзани со примената на законот нема да сносат кривична одговорност за дејствијата преземени во неговото спроведување, наведува „Туркие“.




