Граѓаните бараат да се пронајдат и соодветно да одговараат и да се казнат сите лица кои во текот на вчерашниот ден ширеа паника дека во водата од скопскиот водовод е пронајдена бактерија и истата не треба да се пие.
Преку социјалните мрежи посочуваат дека „преку ова не смее да се помине“, и дека „граѓаните заслужуваат навремени и точни информации“.

Во полициска станица на информативен разговор се повеќе лица кои преку социјални мрежи и апликации за комуникација во текот на вчерашниот ден испраќаа пораки дека во водата во скопскиот градски водовод е пронајдена бактерија ешерихија коли.
-Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста, велат од МВР.
Градоначачникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на вчерашната вонредна прес-конференција нагласи дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема ешерихија коли или други бактерии.
Ѓорѓиевски и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Иван Митровски најавија дека до МВР ќе поднесат соодветни пријави за, како што рекоа, субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.
Вчера се огласија и од здравствениот сектор од каде информираа дека нема регистриран пациент чија состојба се поврзува со загадена вода во Скопје.




