ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со ново соопштение во кое прашува каде се наоѓа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека седми ден е на одмор во Грција, во друштво на поранешниот премиер Зоран Заев.

Од партијата тврдат дека Филипче на 6 август со мотор ја напуштил државата преку граничниот премин „Богородица“, по што, како што наведуваат, заминал кај Заев.

„Венко Филипче седми ден е на одмор на јахтата на Зоран Заев, каде што на 6 август заминал со својот мотор преку граничниот премин Богородица. А СДС тоа го крие“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија прашува зошто СДСМ, како што велат, не соопштува каде се наоѓа нивниот лидер и додава дека станува збор за „заеднички одмор“ на Филипче и Заев.

Во продолжение од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Филипче дека од одморот наводно дава насоки за политичкото дејствување на СДСМ во Скопје, особено во врска со информациите за квалитетот на водата.

„Од јахтата на Зоран Заев дава насоки СДС да шири хистерија и лажни вести за водата во Скопје, немајќи факти и аргументи“, наведуваат од партијата.

Во соопштението се поврзува и актуелната политичка комуникација на СДСМ со претходни критики од ВМРО-ДПМНЕ за односот на опозицијата кон прославата на независноста и протестите на земјоделците.

„Таквиот предавнички тандем, меѓу другото, од јахтата на Егејското Море, купена со украдени пари, нарачуваше и штрајк на струмичките пиперкари“, обвинува ВМРО-ДПМНЕ, поврзувајќи ги тврдењата со фирмата „Мамас“ на семејството Заеви.

Од партијата на крајот оценуваат дека Филипче и Заев водат политичка агенда додека се на одмор.

„Сè на сè, плоден одмор на талогот: шират лаги за водата, се против независноста и уценуваат земјоделци“, стои во денешното соопштение.