Романското Министерство за национална одбрана соопшти дека ноќта меѓу 12 и 13 август испратило два борбени авиона Ф-16 откако во близина на границата со Украина биле откриени пет воздушни цели, од кои една навлегла во националниот воздушен простор.
„Радарскиот систем за набљудување на романското Министерство за национална одбрана во ноќта од 12 кон 13 август, во 1:27 часот, откри група од пет воздушни цели во областа Измаил, над украинска територија, во близина на речната граница со Романија“, се наведува во соопштението на романското Министерство за одбрана.
Од Министерството посочуваат дека веднаш биле упатени два романски авиона Ф-16 за да ја следат ситуацијата.
„Копнените радари открија воздушна цел која навлегла во националниот воздушен простор, околу два километри јужно од Пардина. Целта останала во националниот воздушен простор околу 10 минути, движејќи се долж ракавот Килија, пред да го напушти романскиот воздушен простор во правец кон Украина“, се објаснува во соопштението.
Во него се додава и дека кратко откако целта прелетала над романскиот воздушен простор, биле пријавени експлозии над украинска територија.




