Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска повика на одбрана и заштита на демократијата и слободата, по повод 65-годишнината од изградбата на Берлинскиот ѕид, објави германската новинска агенција ДПА.

„Политичкото раководство на Германска Демократска Република (Источна Германија) го изгради ѕидот пред 65 години. Денес нашата земја е обединета подолго отколку што беше поделена и живееме во слобода и мир. Поуките од Берлинскиот ѕид остануваат – слободата и демократијата не се нешто што се подразбира сама по себе. За нив мораме секогаш повторно да се бориме“, напиша Мерц на социјалната мрежа Икс.

Истовремено, германскиот министер за култура Волфрам Вајмер предупреди на опасноста од потценување на улогата и карактерот на диктатурата во поранешна Источна Германија.

Во изјава за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Вајмер посочи дека крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АФД) и партијата „Левица“ го манипулираат минатото, претставувајќи ја Источна Германија во позитивно светло.

Министерот Вајмер истакна дека претставници на АФД неодамна дури ја пееле и химната на ГДР на партиски настан во сојузната покраина Саксонија-Анхалт, во пресрет на клучните покраински избори закажани за 6 септември. Инцидентот започнал кога кабаретистот Уве Штајмле почнал да ја пее источногерманската химна, по што подоцна му се придружиле и присутните политичари од АФД.

Во овој контекст, министерот за култура ги критикуваше ваквите појави на „колективно заборавање, репресија и потценување на Источна Германија“, нагласувајќи дека тие го претставуваат најголемиот предизвик за зачувување на сеќавањето на источногерманската диктатура.

Вајмер изрази сериозна загриженост и за иднината на историското сеќавање во земјата.

„Ако во Саксонија-Анхалт дојде на власт крајната десница, а во Берлин радикалната левица, тогаш политиката за зачувување на историското сеќавање ќе биде сосем поинаква од досегашната“, додаде тој.

Со цел да се зачува вистината за тој период, германскиот министер за култура предложи улиците и плоштадите во поранешна Источна Германија во иднина да се именуваат во чест на личности кои се бореле против режимот на ГДР.

„На пример, кога се именуваат нови улици, треба да се размисли тие да го носат името на личности кои биле убиени од комунистичката диктатура или биле фрлени во нејзините затвори“, изјави Вајмер.

МИА