Во ликовниот салон на Народниот музеј во Велес отворена е изложбата на младата уметничка од Илинден,Скопје, Катерина Трајковска Поп-Арсова насловена „На земјата ѕвезди-на небото светулки“, на која авторката се претставува со 25 свои дела, акрил на платно.
По Илинден, Скопје каде и живее авторката со изложбата која ја претстави во Домот на културата, во Велес изложбата е збогатена со нејзини нови 10 уметнички дела.

Како што информира за МИА авторката Катерина Трајковска Поп-Арсова, појаснува дека отсекогаш инспирација и биле небото, ѕвездите, природата, се’ што создал Бог.
-Но, мене отсекогаш ме воодушевувале ѕвездите, уживам во ноќни ѕвездени пејсажи и планирам, здравје понатаму, да направам изложба каде ќе бидат само ноќни пејсажи. Таму ќе преовладува мојата омилена сина боја во сите нијанси, а ќе ја има и виолетовата. Со таа моја сина боја, преку моите слики, во сино ја покажувам и мојата душа, бидејќи кога луѓето првично ќе ме запознаат мислат дека сум прилично ладна личност. Но, јас сум токму спротивното, како што е и мојата слика со планината од којашто извираат светулки. Со таа слика јас сакам да се претставам себеси, планината- дека сум цврста и стабилна, меѓутоа одвнатре греам со топлина и луѓето околу мене не ја познаваат доволно. Тоа би ми било концептот и за некои следни изложби, преку она што го создал Господ бидејќи сите сме едно исто и земјата и небото, а преку пејсажите се претставувам и себеси, автобиографија, моите блиски, работите коишто ги доживувам, потенцира Катерина.
Додава дека од малечка и биле омилени светулките и дека последните години ретко ги гледаме, но оваа лето, на голема радост, таа повторно ги ведела и ги насликала.
-Ова лето повторно ги видов светулките во омилената Богомила, што многу ме инспирираше, затоа што за мене тие се ѕвезди на земјата. За мене не треба јас да зборувам со зборови, а и на отворањето на изложбата имав многу што да кажам, но не кажав, затоа и оставам на публиката нека за мене зборуваат моите слики, потенцира Катерина.
Инаку нејзините први дела се изработени од 2014, 2016 година, а потоа, како што вели за жал не се занимавала со уметност иако е академска сликарка, туку работела нешто друго. Конечно по 11 години си дала отказ од тоа работно место и сега повторно и се посветила на уметноста и ужива во неа.
Информира дека нејзините најнови слики за неа се многу значајни, затоа што го претставуваат целиот период што се таложел во неа кога не творела, а сега го претставува во своите најнови дела, ои и се претставени на изложбата.
Инаку на дел од нејзините најнови слики се претставени и пејсажи од убавата Богомила во реонот на Азот, а каде има семејна куќа и често престојува со семејството.
По изложбата во Домот на културата во Илинден, Скопје и оваа во Велес, Катерина Трајковска Поп-Арсова, која слави роденден на 22 август, планира сликите од изложбата да ги претстави и во други македонски градови. Па, здравје, како што вели, со план е и во други земји.
Антоанела Димитриевска за МИА




