Охридскиот договор не беше договор на победници и поразени, беше договор со кој државата доби можност да продолжи напред, да се развива и да го трасира патот за идните генерации. Соживотот не значи само да живееме едни покрај други туку и едни со други и едни за други. Денес не се навраќаме на минатото за да ги оживееме старите поделби. Му се навраќаме за подобро да разбереме што нè одржа заедно, беше истакнато на настанот што се одржа вечерва по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор под покровителство на Министерството за односи меѓу заедниците.

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали рече дека една од најважните лекции од овие 25 години по Охридскиот рамковен договор е дека нашата различност не е слабост, па дури ни предизвик, туку вредност што не прави повредни и подоблесни.

– Нашата сила се состои токму во способноста нашата разноликост да ја претвориме во наша вредност и во енергија за развој. Затоа соживотот не значи само да живееме едни покрај други туку и едни со други и едни за други. Вистинскиот соживот значи заедно да градиме и заедно да ја преземеме одговорноста, заедно да им се радуваме на успесите и заедно да ги споделуваме потешкотиите, додаде Сали.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека 25 години се доволен временски период за да може да се направи реален историски осврт на она што се случило и тоа што треба да дојде пред нас. Охридскиот договор, посочи тој, не беше договор на победници и поразени, беше договор со кој државата доби можност да продолжи напред, да се развива и да го трасира патот за идните генерации.

– Пред 25 години најголемата победа беше тоа што се успеа да се постави една траекторија и еден пат кој води напред. Точно е дека имаше години на недоверба, на несигурност, на политички кризи, но исто така е точно дека овој договор беше различно перцепиран или и денес е различно перцепиран од различни структури во општеството, но она што навистина е за поздравување е што мнозинството граѓани го прифаќаат и почитуваат. Имаше и се уште има политичари кои намерно и повремено ги разгоруваат етничките поделби и отвораа прашања со цел да го остварат својот политички интерес и го користеа национализмот како алатка за лично и семејно богатење. Тие политичари се сега во опозиција и за среќа не се дел од оваа Влада. Претпоставувам дека се свесни дека нивното време заврши и дека времето на злоупотреби, на манипулации е одамна позади нас, рече Николоски.

Државата, нагласи тој, се гради како никогаш досега, и денеска поставуваме пат за иднината, дали тоа се инвестициите во инфраструктурата, образованието, здравството или во социјалата, дали е тоа извонредниот перформанс во реализацијата на планот за раст на ЕУ или тоа е нашата силна контрибуција во рамките на НАТО.

– Така ја развиваме државата и така ќе продолжиме. За некој ден ќе почнеме да го градиме автопатот Скопје-Блаце, во текот на септември ќе почнеме да го градиме автопатот од Букојчани до Кучево, очекувам во текот на октомври да пуштиме уште една делница од автопатот Кичево-Охрид, а веќе во првиот квартал на следната година целосно да го завршиме автопатот Кичево-Струга-Охрид. Ќе градиме и Битола-Прилеп, го пуштивме Градско-Дреново-Фариш, го пуштивме Куманово-Крива Паланка, почнуваме да градиме Кочани-Виница-Делчево граница со Бугарија, Радовиш-Струмица-Ново Село граница со Бугарија. Во делот на железницата интензивно работиме на Коридорот 8 и поврзувањето со Бугарија, а очекувам во соработка со ЕУ веќе следната година да почнеме да работиме и на првата фаза од западното крило кое би одело од Скопје преку Јегуновце, Тетово до Гостивар, втората фаза Гостивар-Кичево и третата фаза Кичево-Охрид-Струга граница со Албанија. Тука е и Коридорот 10 и брзата пруга која треба да даде нов економски и политички импулс на државата и на тој начин да ја поставиме Македонија како вистинска раскрсница на Балканот, истакна Николоски.

Кога зборуваме за иднината на Македонија, посочи, зборуваме за држава која јасно го избра својот правец.

– По 25 години нашата визија е единствена и јасна, ја гледаме својата иднина во европското семејство не само затоа што тоа е политичка декларација, туку затоа што е јасна евроатлантската определба на најголем дел од граѓаните кои живеат во државата. Огромно мнозинство од граѓаните без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми или Бошњаци сакаат државата да биде членка на ЕУ, и поддржуваат тоа што државата е членка на НАТО и во таа насока ќе продолжиме да ја градиме државата. Рамковниот договор е потсетник дека државата припаѓа на сите поеднакво каде сите се еднакви, рамноправни и почитуваме и ова мора да го продолжиме и да го градиме заеднички, додаде Николовски.

Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати рече дека постојат договори што завршуваат во архивите, постојат договори што продолжуваат да живеат во животите на луѓето. Охридскиот рамковен договор припаѓа на вторите, не затоа што бил совршен, ниту затоа што ги решил сите проблеми, ниту затоа што сите еднакво го толкувале, туку затоа што во најтешкиот миг ѝ овозможи на Македонија повторно да ја избере својата иднина.

– Затоа денес не се навраќаме на минатото за да ги оживееме старите поделби. Му се навраќаме за подобро да разбереме што нè одржа заедно. Европа нема да ја донесеме во Македонија со потпис. Ќе ја донесеме со начинот на кој ќе се однесуваме едни кон други. Никој не ја избира својата етничка припадност. Но секој од нас избира каков човек ќе биде. И можеби токму во тој избор се крие иднината на Македонија. Затоа што државите не пропаѓаат кога луѓето зборуваат различни јазици. Државите пропаѓаат кога луѓето ќе престанат да си веруваат. А кога ќе ја изградат довербата, различните јазици повеќе не се граници. Тие стануваат мостови. На крајот, секоја генерација останува сама со едно прашање, не што наследила, туку што ќе остави зад себе. Историјата не ги памети само оние што создале држава, ги памети и оние што знаеле да ја направат подобро место за живеење, додаде Ферати.