Полскиот премиер Доналд Туск денеска соопшти дека полските власти уапсиле руски државјанин, регрутиран од руските разузнавачки служби, со задача да ликвидира лице со двојно, американско и украинско државјанство во Варшава.

-Оваа мета се сметала за особено незгодна за режимот на Владимир Путин – изјави Туск, нагласувајќи дека ова е прв случај во кој „некој по налог на Русија“ се обидел да нападне американски граѓанин на територија на земја-членка на НАТО.

Осомничениот руски државјанин бил задржан уште на 7 август, а акцијата била спроведена во блиска соработка со американските разузнавачки служби, потврди Томаш Шемоњак, полскиот министер за координација на тајните служби.

-Благодарение на навистина брилијантната работа на нашите служби успеавме да го задржиме рускиот државјанин. Во последниот момент, со акцијата на Агенцијата за внатрешна безбедност и полицијата, го спречивме ова убиство, овој атентат – додаде премиерот Туск.

Полските власти засега не соопштуваат дополнителни детали за идентитетот на целта или за уапсениот агент, а Руската амбасада во Варшава засега не коментира.

Властите во Варшава повеќепати предупредуваат дека клучната улога на Полска како транзитен центар за воена и хуманитарна помош кон Украина ја прави примарна цел на руска шпионажа и саботажи. Во јуни годинава, во источниот полски град Бјала Подласка беше застрелан рускиот уметник Семјон Скрепецки, познат критичар на Путин. Тогаш Туск изјави дека сите докази укажуваат на политички мотив. Москва, од друга страна, постојано ги негира обвинувањата за вмешаност во напади врз опозиционери и опоненти во странство.