Пожарот што избувна во туристичкото место Сивири на првиот крак на Халкидики предизвика голема евакуација на жители и туристи, при што крајбрежната стража и други пловни објекти спасуваа луѓе од плажите.
Пожарот во меѓувреме е ставен под контрола, но силниот ветер значително го отежнувал неговото гаснење. Евидентирана е материјална штета на куќи, како и на објекти од биолошкиот третман во подрачјето.
Во големата спасувачка операција од плажата во Сивири биле спасени вкупно 481 лице.
Во операцијата учествувале два брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба, три рибарски бродови, приватни пловила и еден глисер.
Од спасените лица, 285 биле транспортирани во Сани, додека 196 се качиле на „Спидрунер Џет“, со кој биле пренесени до пристаништето во Солун.
Во областа и понатаму остануваат три брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба и приватни пловни објекти, кои учествуваат во операцијата.
За време на интервенцијата, двајца пожарникари биле повредени.
Хотелиерите нудат сместување за погодените
Во меѓувреме, хотелиерите од Халкидики и Солун понудиле соби за лицата погодени од пожарот.
Хотелиерите, во соработка со Министерството за туризам и цивилна заштита, ја активирале платформата на Грчката хотелска комора преку која се обезбедува сместување за луѓето на кои им е потребна помош.
Претседателот на Здружението на хотелиери на Халкидики ги повикал колегите да ги пријават слободните соби, со цел да им се обезбеди привремено сместување на сите кои биле погодени од пожарот.




