Водата од градскиот водовод во Демир Капија е забранета за пиење и подготовка на храна до добивањето на конечните резултати од дополнителната анализа, соопштија локалните власти и ЈКП „Бошава“.
Одлуката е донесена откако лабораториските испитувања на примероци земени во понеделник и вторник од истото мерно место покажале различни резултати за исправноста на водата.
Според ЈКП „Бошава“, анализата на примерокот земен во понеделник од Институтот за јавно здравје – Скопје покажала дека водата не ги исполнува условите пропишани со Правилникот за вода за пиење.
Од друга страна, анализата на примерокот земен следниот ден од Центарот за јавно здравје – Велес покажала дека водата ги исполнува пропишаните услови.
Поради спротивставените резултати, надлежните најавија дека во понеделник ќе биде направена супер-анализа со која треба да се утврди фактичката состојба со квалитетот на водата.
До добивањето на конечните резултати, водата од водоводот во Демир Капија не смее да се користи за пиење и подготовка на храна.
„Забраната ќе важи до добивањето на конечните резултати од супер-анализата“, информираат од ЈКП „Бошава“ – Демир Капија.




