Проф. д-р Мимоза Рајл
Социјалистичката партија на Македонија силно го демонстрира ставот дека секоја иницијатива за затворање, укинување или суштинско институционално обезличување на „Вардар филм“ и „Струшките вечери на поезијата“ процес кој што беше започнат со претходната власт, треба внимателно да се преиспита од аспект на долгорочниот јавен и национален интерес.
Како политичка партија која е дел од Владата, СПМ ја разбира потребата од унапредување на ефикасноста, професионализацијата и одржливоста на јавните институции. Но, токму затоа јавно го искажуваме ставот дека реформските процеси во културата треба да се темелат врз стручна анализа, јасно утврдени цели и развојна визија, особено кога станува збор за институции кои со децении создаваат, чуваат и афирмираат македонско културно наследство.
„Вардар филм“ е историски темел на македонската кинематографија. Од неговото основање во 1947 година, преку него се создавале значајни филмски дела, се формирале генерации филмски автори и професионалци и се развивала продукциската и техничката инфраструктура на македонскиот филм. Неговото наследство денес не е само институционална архива, туку дел од аудиовизуелната меморија на македонската држава.
Затоа, иднината на „Вардар филм“ треба да се согледува низ можноста за негово обновување и модернизација. Неговите инфраструктурни, продукциски и архивски капацитети можат повторно да бидат ставени во функција на современата македонска кинематографија, на дигитализацијата и реставрацијата на филмското наследство, на едукацијата на нови професионални кадри и на меѓународната културна соработка.
Особено важно е да се зачува јасната институционална разлика меѓу „Вардар филм“ и Агенцијата за филм. Нивните функции не се идентични и не треба да се претопуваат. Агенцијата за филм има своја улога во креирањето и спроведувањето на филмската политика и во воспоставувањето механизми за јавна поддршка на филмската продукција, додека „Вардар филм“ има историска, продукциска, техничка и културно-наследна функција. Токму затоа потребно е нивно функционално разграничување и меѓусебна соработка, а не институционално претопување.
„Струшките вечери на поезијата“ имаат подеднакво значајно место во македонскиот културен простор. Во текот на своето повеќедецениско постоење, оваа манифестација прерасна во меѓународно препознатлива културна институција која ја поврзува македонската книжевност со најзначајните поетски имиња и културни средини од светот.
Преку „Струшките вечери на поезијата“ Македонија со децении не е само домаќин на поетски настан, туку активен учесник во меѓународниот културен дијалог. „Златниот венец“ на Струшките вечери стана препознатлив симбол на оваа културна позиција и претставува дел од меѓународниот углед што македонската култура го изгради низ децении.
Затоа, секое разгледување на иднината на овие институции треба да поаѓа од нивната културна и историска вредност, од нивниот меѓународен потенцијал и од можноста тие да бидат модернизирани и поставени во современи развојни рамки.
СПМ укажува дека реформата во културата треба да создава подобри институции, посилни професионални капацитети и поголема достапност на културното наследство до јавноста. Таа треба да отвора нови можности за современа продукција, дигитализација, меѓународна соработка, културна дипломатија и развој на креативниот сектор.
Во таа смисла, доколку во работењето на „Вардар филм“ или „Струшките вечери на поезијата“ постојат организациски, финансиски или други предизвици, тие треба да бидат предмет на стручна институционална анализа и да се решаваат преку соодветни развојни и реформски механизми.
Нашата определба е јасна: институциите од национално културно значење треба да се унапредуваат, а не да се губи нивниот историски и институционален континуитет.
Македонската култура има потреба од современи и функционални институции, но истовремено има и обврска да го зачува она што низ децении го создале генерации автори, уметници, културни работници и професионалци.
„Вардар филм“ и „Струшките вечери на поезијата“ се дел од тој континуитет.
Во време кога македонскиот културен и историски идентитет е предмет на оспорувања и негирања, и кога токму преку културата, јазикот, историјата и културното наследство се водат најчувствителните битки за препознатливоста и идентитетот на македонскиот народ, нашата одговорност е поголема од кога било.
Токму во таков историски момент државата (кога во услови на претходната власт имаше обиди за целосно бришење на македонската култура со формирање на културни клубови на соседни држави) мора да ги зајакнува своите национални културни институции, да им обезбеди стабилност, професионален капацитет и развојна перспектива, создавајќи институционална непробојност околу културната меморија и наследството што го создавале генерации македонски творци.
Не можеме, во време кога однадвор се оспоруваат нашите културни темели, самите да дозволиме тие да ослабуваат одвнатре. Не можеме да дозволиме институциите што ја носат нашата културна меморија да исчезнуваат во стихијата на времето.
Напротив, токму сега е моментот да ги зачуваме, обновиме и зајакнеме.
Затоа СПМ смета дека „Вардар филм“ и „Струшките вечери на поезијата“ треба да бидат дел од една сериозна национална културна политика која ќе ја штити нивната историска суштина, ќе го зачува нивниот институционален континуитет и ќе создаде услови за нивен понатамошен развој.
Како дел од Владата, СПМ ќе продолжи да се залага за одговорна, стручна и долгорочна културна политика, во која реформата ќе значи унапредување на институциите, а не губење на нивната историска суштина.
Кога културниот идентитет е оспоруван, институциите што го сведочат и го чуваат не смеат да бидат ослабени. Тие токму тогаш мора да бидат најсилни.
Културната меморија не смее да исчезне во стихијата на времето. Таа мора да биде зачувана, заштитена и пренесена како темел на иднината.




