Во подрачниот објект на основното училиште „Круме Кепески“ во Припор, општина Кисела Вода, денес во употреба беше пуштена новоизградена спортска сала, за која преку повикот на Владата за реализација на капитални инфраструктурни проекти во општините, минатата година беа одвоени речиси 20 милиони денари.

Спортскиот објект со површина од 500 м², овозможува најсовремени услови за реализација на наставата по физичко образование и ќе придонесе за правилниот раст и развој на многу генерации.

На отворањето, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, честитајќи за успешно завршената инвестиција, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека Владата има стратегија за  поквалитетно образование, а еден од приоритетите е забрзана модернизација на образовната инфраструктура.

-Ќе потсетам дека за две години реализиравме инвестициски циклус од над 70 милиони евра во 90 инфраструктурни проекти во образованието. Овој проект е еден од нив, а дополнително тука во Кисела Вода во моментов градиме спортска сала во склоп на ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ и ги обновуваме спортските сали во рамки на централниот објект на „Круме Кепески“ и во рамки на ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, рече Јаневска.

Информираше дека наскоро започнува реализацијата на три нови проекти.

-За да се воведе концептот на едносменска ефективна настава на целата територија на Кисела Вода, ќе го помогнеме проширувањето на капацитетите на три основни училишта. Едното е централниот објект на „Круме Кепески“, другото е „Кузман Шапкарев“ во Драчево и третото е „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Во сите три училишта ќе доградиме по 6 училници. Активностите во првото започнуваат кон крајот на оваа година, во другите две на пролет следната година, додаде министерката.

Упати пораката новата спортска сала да се користи интензивно, но и одговорно, за како што рече – да биде место за создавање спомени, спорт, постигнување успеси и за рекреација на сегашните, но и на многу нови генерации.