Опозициската СДСМ не е задоволна ниту кога власта одобрува да се пие водата во Гостивар, ниту пак кога забранува нејзина употреба во Демир Капија поради безбедност за здравјето на граѓаните. Еден месец на Бихаќска имаа секој ден тема за прес-конференции со Гостивар, а од денеска се селат во Демир Капија.
Во продолжение интегрално денешното соопштение од Бихаќска:
Истиот ден кога ВМРО-ОКГ објави дека водата во Гостивар конечно може да се пие, Јавното комунално претпријатие „Бошава“ од Демир Капија објави дека водата во нивниот водовод не е безбедна ниту за пиење, ниту за готвење.
Мицкоски и Клековски повторно избегаа.
Вчера во Гостивар организираа здравица и групна фотографија со чаши вода. Срамота.
Премиерот и министерот за здравство не беа таму.
Од екскурзија „пуштаа“ вода.
Не сакаа да се појават пред граѓаните.
Ако повторно настане проблем, одговорноста ќе ја префрлат на некој друг. Ќе речат: „Бев на екскурзија.“
Мицкоски од почетокот на кризата и епидемијата на жолтица во Гостивар ниту еднаш не се појави меѓу луѓето што цел месец пиеја загадена вода.
Наместо Мицкоски и Клековски – пратија полицаец да наздравува и да објаснува колку е „вкусна“.
А реалноста?
Преку 50 градови во Македонија немаат редовни и јавни анализи на водата.
Постојат сомневања на неисправност.
Четири реки се загадени.
Никаде ниту еден документ.
Никаде ниту една одговорна личност.
Наместо официјални извештаи, лабораториски анализи и редовни контроли на квалитетот на водата, ние имаме луѓе кои пијат вода од чешма и врз основа на тоа тврдат дека водата е чиста и безбедна.
Од кога тоа е метод за проверка на исправноста на водата?
Имаат чувство како Мицкоски, дека нивниот збор е доволен наместо анализа и доказ?
Оваа Влада нема капацитет да обезбеди основно човечко право – чиста вода за пиење.
Има капацитет само за пропаганда, криминални тендери, избегнување одговорност и екскурзии.
Граѓаните бараат одговорност. Не здравици.
Фото: архива




