Утрово почна да врне дожд во источна Белгија, што им дава значајна помош на пожарникарите во гаснењето на најголемиот пожар досега регистриран во земјата, кој се закануваше да се прошири до германската граница. Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари, овој пожар е повеќе од двојно поголем од оној во 2011 година, кој зафати речиси 1.400 хектари.
Во гаснењето учествуваат околу 500 пожарникари од целата земја, како и од соседните Германија и Луксембург, кои се обидуваат да го стават под контрола пожарот што досега зафати околу 3.000 хектари во слабо населеното подрачје со ридови прекриени со мочуришта, тресет и шуми.
– Ова ќе промени сè; освен водата што ја носи дождот, ќе се зголеми и нивото на влажност – изјави командантот на пожарникарите Оливие Жист за белгиската радиостаница РТБФ.
Белгиската метеоролошка служба ИРМ очекува во тоа подрачје да наврнат меѓу пет и девет милиметри дожд, како и дополнителни врнежи во текот на утрешниот ден. Температурата во подрачјето на Хај Фенс, природен резерват во источна Белгија што гори од петокот, се очекува да падне на меѓу 19 и 20 степени Целзиусови.
Локалните власти во саботата наредија евакуација на околу 600 луѓе од градовите Бутгенбах и Вајмс и им порачаа сè уште да не се враќаат во своите домови. Покрај тоа, германскиот град Моншау во неделата побара од жителите во близина на белгиската граница да го напуштат подрачјето, наведувајќи дека не се очекува пожарот да се прошири на германска територија, но дека е можно значително загадување на воздухот со чад. Локалното обвинителство веќе покрена истрага за причините за пожарот.
ЕУ од саботата, откако Белгија побара итна помош, распореди три хеликоптери и два авиони за гаснење пожари од различни делови на Европа.
Низ Европа последователните топлотни бранови ја засилија сушата и ја исушија вегетацијата, создавајќи услови за брзо ширење на големите пожари, поради што се загрозени дури и подрачја со генерално влажна клима, како Хај Фенс.




