Американскиот претседателски пратеник за Блискиот Исток, Џаред Кушнер, допатува во Израел, каде во текот на денот треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Кушнер пристигна во Израел по разговорите со Хамас за спроведување на мировниот план за Газа, поддржан од САД.

Минатиот месец, Одборот за мир на претседателот Доналд Трамп соопшти дека бил постигнат договор за „целосно разоружување“ на Хамас и другите вооружени групи во Газа.

Израел минатата недела го отфрли Трамповиот план од 15 точки, што предвидува и повлекување на израелските сили и обнова на Газа под нова цивилна палестинска управа.

Осум муслимански земји вчера издадоа соопштение во кое го осудија отфрлањето на предлогот од страна на Израел.

Палестински претставник изјави за „Би-Би-Си“ дека Кушнер, кој е и зет на Трамп, вчера во Египет се сретнал со делегација предводена од новиот лидер на Хамас, Калил ал-Хаја.

Хамас во соопштение ги повика посредниците и Одборот за мир да го „принудат“ Израел да ја одобри мировната мапа за следни чекори.