Две балистички ракети испукани од Иран беа пресретнати од Обединетите Арапски Емирати вечерва, соопшти Министерството за одбрана на ОАЕ. Во него се наведува дека тие паднале во морето – едната во територијалните води на ОАЕ, а другата надвор од нив.
Министерството за внатрешни работи на ОАЕ претходно денеска испрати известување до мобилните телефони на граѓаните, објавувајќи дека ситуацијата во земјата сега е безбедна и дека луѓето можат да се вратат на своите нормални активности, откако властите претходно издадоа предупредување за можна ракетна закана.

„Поради моменталната ситуација и опасноста од ракетни напади, веднаш побарајте засолниште во најблиската заштитена зграда“, се вели во предупредувањето на Министерството за внатрешни работи.

Министерството за одбрана на ОАЕ соопшти дека „открило ракетна закана насочена кон земјата“.

Ова е прво такво предупредување од јули, кога беше издадено за напад кој на крајот не стигна до ОАЕ. Во јуни беше издадено и предупредување кое подоцна се покажа како лажно.

Во последните недели, танкерите за нафта што припаѓаат на Националната нафтена компанија Абу Даби (ADNOC) беа нападнати неколку пати.

За време на првата фаза од војната на Блискиот Исток, која започна на 28 февруари по израелските и американските напади врз Иран, Техеран изврши речиси 3.000 напади врз ОАЕ, што ги направи главна цел на неговите одмазднички акции.

Откако меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран стапи на сила во јуни, кој, сепак, беше прекршен во јули, ОАЕ не пријави никакви напади врз своја територија, за разлика од другите земји од Персискиот Залив. (МИА)