Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на политики и инвестиции што имаат за цел зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на зависноста од увоз и обезбедување стабилен и сигурен енергетски систем за граѓаните и компаниите, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, кое ви го пренесуваме во целост.
„И покрај тврдењата на опозицијата дека електричната енергија ќе поскапи за 5%, реалното зголемување изнесува 2,28%, што е меѓу најниските стапки на зголемување во Европа. Истовремено, со нови законски решенија се отвора можност за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5 до 10%, а со преземените мерки за субвенционирање на електричната енергија, директно се заштитува стандардот на граѓаните и се спречуваат ценовни шокови за домаќинствата.
Од друга страна, долгорочната цел е Македонија да произведува повеќе домашна електрична енергија и постепено да ја намалува зависноста од увоз.
Така, во април годинава, домашното производство покри 88,8 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата, што претставува значаен чекор кон стратешката цел Македонија да стане нето-извозник на електрична енергија.
Паралелно се работи на консолидација и подобрување на работењето на ЕСМ, зголемување на акумулациите и максимално искористување на постојните производствени капацитети, а дополнително се реализираат нови стратешки инвестиции во енергетиката.
Во таа насока, потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3, со вкупна вредност од 97 милиони евра. „Битола 3“ ќе придонесе кон зголемување на производството на електрична енергија од чисти извори, додека ревитализацијата на хидроелектраните ќе овозможи подобро искористување на постојните капацитети.
Воедно, започнува изградбата на најголемиот ветерен парк во земјава, со 55 ветерници, кој се очекува да произведува електрична енергија за околу 100 илјади домаќинства. Инвестицијата на „Алказар Енерџи“ е вредна околу половина милијарда долари.
Додека со потпишувањето на меморандумот со „Казанџи Груп“ се отвора можност за реализација на стратешки проект вреден до една милијарда евра. Проектот предвидува развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас.
Овие инвестиции значат нови можности за индустријата, поддршка на гасификацијата, нови работни места и поголема енергетска отпорност на државата, а со развојот на домашните производствени капацитети се намалува зависноста од увоз и изложеноста на надворешни ценовни и политички ризици.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гради енергетски систем кој ќе биде стабилен и отпорен на кризи, флексибилен во однос на идните предизвици и усогласен со европските стандарди со крајна цел, Македонија да биде држава која произведува, извезува и има сигурен и стабилен енергетски систем, со предвидливи и пониски трошоци за граѓаните и компаниите“.




