Вработените од  Националниот парк Шар Планина веќе неколку дена собирааат отпад оставен од несовесни посетители на некои од најпосетуваните места во ова заштитено подрајче, информираат од установата. Од таму предупредуваат дека собирањето отпад не е работа на чуварите на заштитеното подрачје, односно нивната основна задача е заштита на природата, контрола на теренот, спречување незаконски активности, мониторинг и грижа за природните вредности на Паркот, но ситуацијата на некои места е алармантна.

-Националниот парк опфаќа огромна планинска територија со шуми, пасишта, врвови, долини и глацијални езера. Не е реално да се очекува дека на секое место ќе има корпа и дека некој ќе дојде по вас да го собере отпадот. Во природните делови на Паркот намерно не поставуваме корпи за отпад. Оставената храна и отпадот ги привлекуваат дивите животни, го менуваат нивното природно однесување и создаваат дополнителен проблем за екосистемот, се вели во соопштението на НП Шар Планина.

Од таму велат дека правилото во природата е едноставно „Сè што сте можеле да го донесете полно на планината, можете да го вратите празно со себе“.

-Спакувајте го својот отпад и однесете го до место каде што постои организиран систем за негово собирање. Планината нема комунална служба. За жал, до нас постојано пристигнуваат информации за расфрлен отпад на места до кои не е лесно да се стигне – по бреговите на глацијалните езера, покрај планинарските засолништа што ги поставивме, околу изворите и чешмите со вода за пиење, како и во високопланинските предели, велат од НП Шар Планина.

Ги повикуваат планинарите, планинарските клубови, љубителите на природата и сите кои во следниот период ќе се движат низ повисоките и потешко пристапни делови на Шар Планина ако можат да понесат една дополнителна кеса со цел да помогнат да се собере дел од отпадот што некој друг несовесно го оставил зад себе.

МИА