Загрижувачки размери достигнуваат пoжарите во областа Горјан, кај албанскиот град Пук, поради што властите наредија итна евакуација, најпрво, на жителите од селото Голем Гојан.

Наредена е итна евакуација на жителите на селото Голем Гојан, во административната единица Ѓеѓан, поради критичната ситуација создадена од ширењето на масивен пожар и директната опасност по животите и имотот на жителите, објави Министерството за одбрана.

Процесот на евакуација ќе се спроведе во координација со Националната агенција за цивилна заштита, префектурата на округот Скадар, структурите за цивилни вонредни состојби на општина Пук, државната полиција и противпожарните служби.

Приоритет ќе им се даде на децата, старите лица, лицата со хронични болести и попреченост, како и семејствата лоцирани во изолирани области или со висок ризик од пожари. Евакуираните жители ќе бидат сместени во студентскиот дом „Али Битичи“ во Пук, каде што се подготвени услови за сместување, храна и медицински услуги, наведува министерството.

Транспортот ќе го обезбедат Општина Пук, Државната полиција и, доколку е потребно, вооружените сили.

Општината објави дека евакуираните лица ќе бидат регистрирани по пристигнувањето и ќе им бидат обезбедени основните потреби, вклучувајќи храна, облека, хигиена и медицинска помош.

Жителите исто така периодично ќе бидат информирани за состојбата со пожарот и условите за безбедно враќање во своите домови.

Наредбата е итна и стапува на сила веднаш, според соопштението потпишано од градоначалникот на Пук, Рок Додај.

Во гаснењето на пожарите вклучени се и два хеликоптера на воздухопловните сили.