Мора да имаме владин авион ако сакаме да бидеме сериозна држава, а идејата за негово купување не е повлечена, ниту пропадната, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски.
Според него, владиниот авион не се користи само за потребите на Владата, туку и за да им се помогне на граѓаните во одредени ситуации.
Како што напомена Томовски во гостување на Канал 5 телевизија, за само две години се потрошени околу два милиона евра за сервисирање на сегашниот владин авион кој е од 2004 година и често бил вон употреба поради дефекти. За овој авион, објасни директорот на СОЗР, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели. Авионот, освен што е стар, посочи Томовски, е и мал, со само шест седишта.
-Ќе зборувам за нов владин авион сè додека раководам со оваа служба. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, мора да имаме владин авион, мора да имаме соодветен возен парк. Тоа ја претставува државата. Но, тој владин авион не секогаш се користи само за потребите на Владата. Иако и тие се потреби, бидејќи кога патуваат владините претставници надвор од Македонија, патуваат со цел влез во ЕУ или да привлечеме некој странски инвеститор, па брз транспорт до одредена држава, па враќање назад, да не се губи време по редовните линии. Ние го користиме тој авион и во случаи, како што е последните 15 дена, двапати за здравствени причини, за детето што беше повредено во Бодрум и вчера, за транспорт на дете од Охрид до Берлин, заедно со медицински персонал. Задоволни сме што можеме да придонесеме за граѓаните да се спаси барем еден човечки живот, истакна Томовски.
Дополни и дека сегашниот лидер на СДСМ, тогашен министер за здравство, ниту еднаш не го употребил авионот за некаков пациент да транспортира од Македонија во друга држава.
-Кружеше во јавноста информација за можни злоупотреби на тој авион, па сега има и некакви обвиненија, но, да го оставиме тука обвинителството да си се изјасни, рече директорот на СОЗР.
Тој е дециден дека владиниот авион секогаш се користи исклучиво за службени потреби, што е поткрепено со документи и барање од одредена институција.
-Авионот го користиме за претседател на Влада, претседател на држава и претседател на Собрание. Ние како служба ги покриваме трошоците, но со претходно барање од овие институции, додека сите останати институции и сите министерства кои поднесуваат барање до нас, вршат практично плаќање до службата за да се покријат трошоците и останува некој профит, рече Томовски.
Во врска со службените возила кои имаат црвени таблички, ги охрабри граѓаните, ако забележат, да пријавуваат злоупотреби, не само на меил адресата за таа намена, туку и на „ѕидот на срамот“.
-Пред една година, на барање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, јас ја спроведов оваа постапка, сите службени возила во државата да добијат таблици во боја, за да се спречи злоупотреба. Причината зошто ги поставивме овие црвени таблици е граѓаните да можат да пријават. Можам да кажам дека поминавме еден изборен циклус каде што не беше пријавен ниту еден потенцијален или можен начин за злоупотреба на службените возила, рече Томовски.
Во СОЗР, според него, има неколку дисциплински постапки во однос на констатирани злоупотреби, почеток пред дисциплински и опомени.
За возило во Карпош, пријавено од граѓани, Томовски истакна дека ќе биде проверено чие е.
-Она што ние можеме да го направиме е да провериме чија сопственост е возилото и да го испратиме до таму, до директорот на таа институција, а се надевам дека после ова ќе види и сам, нагласи Томовски.
Во однос на караванот „Силно свети народниот ден“ по повод 35 години независност, Томовски рече дека има организатор на овој настан, а СОЗР е вклучена само како логистика, што нема да ја чини државата којзнае колку пари.
На прашањето што се случува со зградата на Комерцијална банка, потети дека крајниот рок беше 20 јуни, па се потпиша анекс за 10 август. Томовски очекува за максимум еден месец институциите веќе да почнат да се вселуваат.
-Објектот е веќе завршен или веќе е во фаза на завршување. Сега се формираат комисии од СОЗР, надзорот и изведувачот, ќе се утврдува дали има некакви аномалии и грешки, зашто тука завршува рокот, нема веќе негово продолжување, а вселувањето на институциите ќе оди етапно, информира Томовски.
Се осврна и на Македонско село, најавувајќи отворање нови авотбуски линии за превоз до овој објект.
-Мислам дека сè уште нема доволно линии, со оглед на тоа како беше затекнато ЈСП. Очекувам дека со набавката на овие новите електрични автобуси ќе се обезбеди од овие барем старите и можеби некои од новите, во координација со градоначалникот на Град Скопје, да пуштиме повеќе линии таму, особено во летниот период кога имаме зголемена посета на Град Скопје, кога луѓето имаат потреба и сакаат да го посетат комплексот Македонско село. И сме разговарале на оваа тема и да, ќе има зголемување, но да оставиме малку простор да стигнат тие автобуси за да можеме да обезбедиме соодветни возила, рече Томовски. (МИА)




