Околу шест милиони денари беа потрошени за обезбедување вода за пиење за Гостивар изминатиов период, додека траеше кризата. Сите граѓани беа снабдени, а дневно се доставуваа по два шлепера или 50 – 70 тони питка вода, рече попладнево директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски.

Во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, Томовски напомена дека Владата интервенирала веднаш.

-Од првиот ден почнавме да носиме минимум по два шлепери вода на ден. Тоа се околу 50 до 70 тони вода за пиење. Направивме, по задолжение на Влада, тендерска постапка, која беше критикувана во јавноста и тука сакам да потенцирам дека ние 1,5 литар шише вода го добивавме по 12 денари со вклучен ДДВ, вода која граѓаните можат да ја купат во продавница за 25 до 30 денари, а најниската цена од компанијата што го доби тендерот, станува збор за „Кожувчанка“, е 21 денар. Во постапката се вклучи и Митко Јанчев, кој партиципираше за помош на граѓаните во Гостивар. Затоа ја добиваме таа ниска цена, објасни директорот.

Според него, имало денови кога се носеле и повеќе од два шлепера вода.

– Во континуитет доставувавме по два шлепери, но некогаш имаше и одредени поголеми количини, бидејќи други компании донираа дополнителни количини вода. Мислам дека ги покривме целосно граѓаните и дека беше доволно, зашто веќе кон крајот, како завршуваа деновите, дел од граѓаните имаа обезбедено и поголеми количини вода во своите домови, рече Томовски.

На прашањето колку сме подготвени финансиски за вакви ситуации, одговори дека тоа зависи од буџетот.

-Ова не беше прв случај во кој Службата за општи и заеднички работи и Владата излегуваат во пресрет. Да го спомнам и немилиот настан во Кочани, каде што целосно покривме транспорт на луѓето, блиските до семејствата на повредените кои беа на лекување во странство и тогаш се потрошија околу 30 милиони денари, информира директорот на СОЗР.

МИА