ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци во текот на денешниот ден го опремува ЕМГ – кабинетот, со цел да овозможи уште една современа дијагностичка услуга за пациентите, соопштија попладнево од јавната здравствена установа.
– ЕМГ (електромиографија) е дијагностичка метода со што се испитува функцијата на периферните нерви и мускули и има значајна улога во дијагностицирањето на различни невролошки состојби – појаснија од кавадаречката болница.
Кабинетот се очекува да започне со работа по 1 септември. Со тоа, како што додадоа од јавната здравствена установа, пациентите од Кавадарци и околината, ќе имаат можност дел од потребната дијагностика да ја реализираат во оваа болница.
– Продолжуваме посветено да работиме на унапредување на здравствените услуги, модернизирање на дијагностиката и создавање подобри услови за нашите пациенти. Заедно градиме болница што е поблиску до пациентите и нивните потреби, потенцираа од кавадаречката болница.
МИА




