Со почеток во 11 часот од Свети Наум утре во водите на Охридското Езеро ќе се одржи 39-то издание на Охридскиот пливачки маратон. 16-те пливачи ќе пливаат на патеката „Климе Савин“. Патеката е долга 25 километри, со старт од Свети Наум, а целта е на Кеј Македонија.

Ќе учествуваат вкупно 16 пливачи (11 кај мажите и 5 кај жените) од 8 држави. Вкупниот награден фонд на овогодишната манифестација изнесува 15.000 долари.

– Ја користам приликата да ги поканам сите утре заедно да го проследиме маратонот и заедно да учествуваме во испишувањето на уште една страница од историјата на Охридскиот пливачки маратон и да ја продолжиме традицијата започната во далечната 1962 година. На пливачите им посакувам мирно езеро и успех, рече Ристе Јанкоски, координатор на организацискиот одбор на Охридскиот пливачки маратон, на денешната одржана прес-конференција.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, ја истакна важноста на маратонот за градот и регионот.

– За Охрид овој маратон има непроценливо значење. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат, но и да ги надминуваат сопствените граници. Маратонот е круна на нашата летна сезона и силен симбол на нашата отвореност кон светот. На сите пливачи кои утре ќе се соочат со маратонскиот предизвик, им посакувам мирно езеро, добра енергија и фер трка. За мене лично и верувам и за многумина, секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник. Посакувам утрешниот ден за сите нас да помине во знакот на гордоста и заедништвото. Да ни е успешен и незаборавен 39-тиот Охридски пливачки маратон, посочи Пецаков.

Македонски претставници на маратонската трка се: Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски, кај мажите и Росана Гошева кај жените.