Големиот пожар што избувна денеска напладне меѓу струмичките села Баница и Водоча и месноста Софилар, во непосредна близина на Струмица, делумно е ставен под контрола и со механизација се прават пресеци за да се спречи ширењето.

Според последните информации од ТППЕ Струмица пожарот стигнал до населбата Софилар во Струмица, а командирот на струмичките пожарникари, Александар Гудев наредил евакуација на граѓаните.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информира дека на терен интервенираат струмичките пожарникари, а помош била побарана од противпожарните единици од Радовиш, Гевгелија и Валандово.

-Нема изгорени куќи, зафатен е само еден помошен објект кој не е изгорен. Нема повредени лица, една возрасна госпоѓа не сакала да ја напушти викендичката, но била присилно изнесена за да не настрада доколку огнот дојде до таму

На лице место се наоѓа и градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков кој информира дека ги превземаат потребните мерки и работат на гаснење на пожарот. Ги повика граѓаните да останат смирени.

-Ве повикувам да останете смирени бидејќи сите кои во моментов се на терен се координирани и работат согласно ситуацијата, а сите конкретни информации ќе бидат споделени официјално. Во деновите што следуваат, поради високите температури и зголемената опасност од пожари, апелирам да бидете особено внимателни и одговорни. Да избегнуваме какви било активности што можат да предизвикаат пожар и со заедничка одговорност да придонесеме за заштита на нашата безбедност и на природата, објави Јанков на својата Фејсбук страна.